„Македонија под мое водство ќе игра брз и модерен ракомет“
15.02.2021 februari ponedelnik
КИРИЛ ЛАЗАРОВ Е НОВИОТ СЕЛЕКТОР НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров е новиот селектор и тренер на македонскиот национален тим, објави претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, на видеопрес-конференција. – Имам чест и привилегија да соопштам важна вест за натамошниот развој на македонскиот ракомет. Ова е голем ден за македонскиот ракомет, бидејќи за селектор одбравме човек што е најдобар во историјата на Македонија. На седница на управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија донесовме одлука капитенот Кирил Лазаров да биде идниот селектор и тренер на нашата најдобра машка репрезентација – рече Мукаетов, додавајќи дека првичниот договор со Лазаров ќе биде на една година, додека добие мастерс-коуч лиценца, а потоа ќе следува нов четиригодишен договор. Селекторот Лазаров веднаш ги најави своите амбиции и промените што планира да ги воведе во следниот период како предводник на националниот ракометен тим.
– Пред нас е голема одговорност и се надевам на долгорочна и успешна соработка. Нѐ чекаат битки на кои треба да одговориме соодветно и квалитетно. Верувам дека имаме потенцијал и одлични ракометари, бидејќи да не беше така, немаше да се нафатам на оваа работа. Со оглед на тоа што ни претстојат важни квалификациски дуели за пласман на Европското првенство, на кои треба да одговориме квалитетно, со претседателот Мукаетов се договоривме јас да бидам активен и како играч. Македонија под мое водство ќе игра брз и модерен ракомет, но тоа не може да се промени прекуноќ. За престојните квалификациски мечеви нема да можеме да направиме големи промени во однос на играта, бидејќи немаме време за тоа, но верувајте дека од Европското првенство ќе гледате една Македонија што ќе игра модерен и брз ракомет во двата правци – изјави Лазаров на својата промоција на видеопрес-конференцијата.
Лазаров најави дека во следните неколку дена ќе разговара со своите потенцијални помошници во стручниот штаб и дека за кратко време ќе го објави тимот од соработници и првиот поширок список со 35 ракометари за претстојните квалификациски дуели. Лазаров ќе биде 13-от Македонец што седнува на селекторското столче, а вкупно 21-от селектор што ја предводел Македонија на меѓународната ракометна сцена. Првиот предизвик новиот селектор Лазаров ќе го има со мечевите на 11 и на 14 март, во кои Македонија треба да се сретне со актуелниот светски првак, репрезентацијата на Данска, во квалификацискиот двомеч за пласман на Европското првенство во 2022 година, кое треба да се игра во Унгарија и во Словачка.
Ист систем на работа во сите селекции
Освен што ќе биде селектор на сениорската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров ќе биде одговорен и за младите репрезентативни селекции на Македонија. – Она што уште од минатото ни недостига е ист систем на работа во кадетската, младинската и во сениорската репрезентација и тоа ќе биде прва работа што ќе се обидам да ја воведам, за да им се олесни процесот на адаптација на младите при влезот во сениорскиот тим – рече Лазаров.
תגובות