top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија од третиот барабан ќе ги чека ривалите

05.04.2021 Maj Sreda

РАКОМЕТ – ПРЕД УТРЕШНАТА ЖДРЕПКА ЗА ЕП 2022

Македонската машка ракометна репрезентација ќе биде дел од третиот барабан во утрешната ждрепка на групите за Европското првенство (ЕП), кое од 13 до 31 јануари идната година ќе се одржи во Унгарија и во Словачка. Освен Македонија, дел од третиот барабан ќе бидат и селекциите на Чешка, Словачка, Франција, Белорусија и Исланд, што значи дека нема да ѝ бидат противници на Македонија во првата фаза од натпреварувањето. Варијанти секако има многу, а една, која е мошне интересна, е Македонија да се најде во група составена токму со држави од просторите на поранешна Југославија. Па, така, од првиот барабан ривал на Македонија би можеле да бидат Хрватска или Словенија, од вториот Србија и од четвртиот Црна Гора или БиХ. Со оглед на тоа што организаторите веќе распределија дел од репрезентациите, која во кој град ќе игра, Македонија нема да може да се најде во групите Е и Ф, кои ќе играат во Братислава и Кошице, бидејќи таму од третиот барабан ќе настапат Чешка и Словачка, па, така, слободни остануваат групите А, Б, Ц и Д, од кои првите три се во Унгарија (Сегед, Будимпешта и Дебрецен), а групата Д ќе игра во Братислава (Словачка). Од првиот барабан, Хрватска ќе игра во Сегед, Германија во Братислава, а Словенија ќе биде дел од групата во Дебрецен. Домаќинот Унгарија, која е дел од вториот барабан, ја избра Будимпешта. Ждрепката ќе биде извршена утре, во 17 часот, во Будимпешта.

Распоред на барабаните

ПРВ БАРАБАН: Хрватска, Шпанија, Словенија, Германија, Португалија, Норвешка ВТОР БАРАБАН: Унгарија, Србија, Русија, Шведска, Данска, Австрија ТРЕТ БАРАБАН: Македонија, Чешка, Словачка, Франција, Белорусија, Исланд ЧЕТВРТИ БАРАБАН: Холандија, Црна Гора, БиХ, Полска, Украина, Литванија

Во друштво на елитата

Со пласманот на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка, Македонија влезе во елитното друштво на репрезентации што бележат континуитет од 11 и повеќе учества на големите натпреварувања. Шпанија, Хрватска, Данска, Исланд, Франција и Македонија се шесте селекции што немаат пропуштено големо натпреварување во последните десет години, почнувајќи од ЕП 2012 во Србија. Пласманот на ЕП 2022 година е шести во низа за македонскиот национален тим, додека, пак, на светските првенства, Македонија бележи низа од пет учества, почнувајќи од Шпанија 2013. Најголем континуитет на учество на големите натпреварувања бележи Шпанија, која била дел од сите 15 досега одржани ЕП, почнувајќи од 1994 година па наваму, додека пак на мундијалите Шпанците имаат 37-годишна низа (учество на 20 СП), која започнува од 1974 година. Втора селекција по бројот на учества во континуитет е Франција, чија низа започнува со СП 1990 година. Од 1994 година наваму, Хрватите немаат пропуштено ни европско ни светско првенство, Данците бележат низа од 21 настап, а Исланд на големите натпреварувања е присутен во низа од 2010 година наваму.


1 view

Comments


bottom of page