Магат: Ми треба голгетер, a не тркач
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (204) САША ЌИРИЌ (2)
Фактите говорат оти Саша Ќириќ е најефикасниот македонски фудбалер што настапувал во странските првенства. Тој во својата интернационална кариера, бранејќи ги боите на клубови во три земји, Бугарија, Швајцарија и Германија, постигна 118 гола. За него сите велеа дека многу не трча, но затоа, пак, го правеше она што е најпотребно во фудбалот – постигнуваше голови. Таков беше во почетокот, а како таков и ја заврши кариерата. Но токму тој, Ќириќ, за кого гледачите мислеа оти е мрзлив и трчањето не му е добра страна, кога требаше беше луциден и од сите позиции постигнуваше голови. Тренерите го видоа ова кај него и затоа многумина го посакуваа во својот тим. Колку тој беше корисен како играч, зборува и една изјава на прославениот германски тренер Феликс Магат, кој практично му ја отвори вратата во Бундес-лигата. – Не ми требаат само тркачи на теренот, туку рационални играчи, кои и од „стоење“ постигнуваат голови. Е, таков е Ќириќ и затоа го доведов во мојот тим – изјави Магат по првиот настап на Ќириќ за Нирнберг во втората Бундес-лига.
СОФИСКА ЕПИЗОДА ЗА ЗАБОРАВ
Сега, како надоврзување на онаа изјава на Магат, редно е да кажам што му претходеше на сето тоа и како нашиот фудбалер се најде во Нирнберг. Минатиот пат пишував за почетокот на кариерата на Ќириќ, за договорот за стипендирање со Вардар, потоа за настапите во Металург и вистинскиот подем откако замина во Пелистер, во времето кога Ѓоко Хаџиевски амбициозно тргна да создава една силна екипа. – Најголема заслуга за мојата афирмација има токму Хаџиевски. Тој широко ни ја отвори вратата, не само мене туку и на уште неколкумина млади, талентирани фудбалери. Токму по негово барање, кога Вардар го раскина стипендискиот договор со мене и со Саше Милошевски, двајцата заминавме во Пелистер. Потоа, повторно благодарејќи на Хаџиевски, станав член на Вардар, а во првата натпреварувачка сезона по осамостојувањето на Македонија и прв стрелец во МФЛ – вели од оваа временска дистанца Ќириќ. Со овие настапи и голови, Ќириќ го сврте вниманието кон себе, па така по успешната прволигашка година се најде во екипата на ЦСКА од Софија, во која веќе претходно беше Бобан Бабунски, а потоа во софискиот клуб во сезоната 1993/94 замина тој, заедно со Љупчо Марковски. – Меѓутоа, веднаш да кажам дека ова беше неуспешен излет за мене и затоа решив да се вратам во Вардар. Тука веќе во следната сезона станав рекордер со 36 гола во нашата Прва лига. Оваа демонстрација на моите голгетерски способности беше магнет за менаџерите, па така очекував нова покана не само од домашен туку и од некој странски клуб. И навистина таа брзо дојде, а особено што ме изненади, не дојде од друга земја, туку од Бразил. Бев изненаден и просто не можев да поверувам. Заминав во земјата на „кариоките“ да настапувам за една прволигашка екипа, но кога очекуваш дека сѐ ќе биде во ред искрснуваат некои непредвидени работи и овој трансфер пропадна. Доколку заминев во Бразил, ќе бев првиот Европеец во земјата на фудбалот. Но наместо мене, прв стана Рамбо Петковиќ, кој играше одлично и доби голема популарност. Тргнав во потрага по нов клуб. Вардар, во кој уште се водев како негов играч, ме условуваше да одам во Франција, наводно нашле некој солиден клуб, но јас го одбив тоа и заминав во швајцарскиот Арау – вели Ќириќ.
КОГА ОДИ – ОДИ
Во швајцарскиот Арау, Саша Ќириќ веднаш си обезбеди место во шпицот на нападот и повторно почна да ги полни противничките мрежи. – Интересно е што Арау беше како лансирна рампа за странците што ќе дојдеа во него. Така и јас по две сезони во клубот неочекувано добив шанса да заминам за Германија. Инаку, додека бев во Арау ја повредив тетивата и морав да одам на операција. Откако успешно се заврши тоа, продолжив со настапите за клубот, во кој еден период беше и славниот тренер Отмар Хицфилд, кој потоа замина за Цирих – продолжи Ќириќ. Но да се вратиме на приказната на Ќириќ за тоа како дојде во земјата во чија лига сите посакуваат да играат – Германија. – Директорот на Нирнберг, Фокарт, тргнал за Цирих да гледа некој напаѓач од тамошниот клуб. Меѓутоа, се случила некоја сообраќајка, па тој не можел да продолжи кон овој град, па патувањето да не биде залудно се упатил кон Арау, кој е оддалечен дваесетина километри од Цирих, да нѐ гледа нас во дуел со, исто така, една циришка екипа. Во првото полувреме одиграв одлично, па тој по тие први 45 минути видел што требало да види и си заминал. Јас и не знаев дека воопшто бил тука. По четири кола, кога игравме со Лозана, истиот тој, сега во друштво со тренерот на Нирнберг, Феликс Магат, се појави на стадионот. Домаќините беа изненадени од нивната неочекувана посета, но брзо се прошири веста дека Магат е дојден да ме гледа мене. Постигнав дури три од вкупно четирите гола за Арау и веќе патот за Германија ми беше трасиран. Тогаш бев пресреќен и си помислив кога оди – оди – раскажува Ќириќ. По неколку дена, Ќириќ добива покана да замине во Нирнберг за да се договорат, ако евентуално му одговараат понудените услови, да потпише договор со германскиот второлигаш. – Нирнберг имаше натпревар дома, а јас, иако тоа во јавноста не беше пласирано, кога бев на трибините почувствував дека нешто се случува. Претходно бев забележан со Магат и со луѓето од клубот и веќе меѓу навивачите почна да се зборува за мене како за нов играч на Нирнберг. По средбата, кога отидовме на вечера, Магат ме праша што сум видел, како ми се допаѓа играта на целиот тим, посебно на напаѓачите. Јас му реков дека добро се движат, многу трчаат, а тој во истиот момент ме праша „а постигнаа ли гол“, јас изненаден од прашањето одговорив кратко „е па, немаше гол“. Е токму тоа сакав да ти го кажам, ми вели Магат, што вреди трчањето кога нема голови. Не ми требаат само тркачи, туку играч, кој ако треба цело време да стои, да не трча, ама да постигнува голови. Тогаш на шега му реков, ако ви треба таков играч – тоа сум јас. Сите се насмеавме и веќе трансферот беше договорен – вели Ќириќ.
ГЕРМАНЦИТЕ ИЗНЕНАДЕНИ ОД ТРАНСФЕРОТ ВО НИРНБЕРГ
Љубителите на фудбалот во Германија беа зачудени, како тоа Нирнберг, кој е второлигаш, да плати 1.200.000 швајцарски франци за 29-годишен фудбалер, кој е речиси на крајот од кариерата. Тука имаше и напади кон Магат, но тој мудро молчеше. – За моја несреќа дебито, барем за мене, не беше успешно. Другиот ден во весниците се појавија написи, во кои главно бев напаѓан и најчесто беше поставувано прашањето зошто за мене дале толку пари. Меѓутоа, на редовниот прес следниот ден мудриот Магат ги изненади новинарите, кога им рече: „Да, точно, Ќириќ не постигна гол, ретко беше и во допир со топката, но тој привлекуваше околу себе по двајца, па и тројца противнички играчи да го чуваат. Со тоа се отвори простор, другите да постигнуваат голови“. Новинарите занемеа, а Магат им дофрли: „Ќе видите на следниот натпревар, ќе постигне и гол“. И навистина беше така, го совладавме Фрајбург со 1-0 со голот што јас го постигнав. Оттогаш тргнаа работите и веќе полека станав главен стрелец во клубот, кој брзо се врати во првата Бундес-лига. Тука, следната сезона постигнав 13 гола, па имав понуди од Баер од Леверкузен и од Фенербахче, каде што тренер беше долгогодишниот селектор на Германија, Лев – вели Ќириќ.
Вратата за Ќириќ во Германија беше ширум отворена. Можеше да избира за кој клуб да заигра. Така, се случи на изненадување на сите, за одлична понуда да оди во Тенис Борусија, за која настапуваа 24 фудбалери од 14 земји. Ќириќ потоа заминува во Ајнтрахт од Франкфурт каде што повторно тренер му е Магат. Меѓутоа во подготвителниот период доби тешка повреда и мораше подолг период да биде надвор од теренот. По закрепнувањето одигра 25 средби и постигна 11 гола за Ајнтрахт и стана миленик на публиката. Во меѓувреме, Ќириќ настапуваше и за македонската репрезентација, за која одигра 26 средби и постигна осум гола. Дебитира на пријателскиот меч со Бугарија во 1995 година, а последниот настап му беше повторно на пријателски натпревар, овој пат со Хрватска во 2006 година. – Од настапите во Германија посебно се сеќавам на голот од пенал против Баерн од Минхен, кога го совладав Оливер Кан. Тоа за мене беше посебно доживување, зашто совладав голман што има посебно место не само во германската туку и во светската фудбалска историја – вели тој.
Comments