Лукиќ-Камиловска: Читателите се љубопитни и заинтересирани за изданија од домашни автори
Едиција со која „Арс Ламина“ особено се гордее, се „Македонски книжевни класици“, во чиишто рамки се објавени дела од култни македонски писатели.„Целта е овие култни дела да пронајдат свое место и кај новите генерации, осовременети и преоблечени во ново руво, а сепак се во корелација со творештвото на секој од авторите и со нивната оставина. Секако, во план е оваа едиција да се збогатува и понатаму“, вели за весникот ВЕЧЕР маркетинг-менаџерот во „Арс Ламина“, Александра Лукиќ-Камиловска
Колку македонските читатели се заинтересирани за изданијата од домашните автори и што е она што најмногу се бара, но и се нуди на читателите одговор побаравме и од издавачката куќа „Арс Ламина“. Оттаму посочуваат дека токму развојот на домашната книжевна сцена е нивен приоритет. Деновиве од страна на „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ е објавен и третиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година, награда за која можат да конкурираат сите заинтересирани домашни автори со свои необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца, напишани на македонски јазик со кирилично писмо.
„Читателите се љубопитни и заинтересирани за изданија од домашни автори, а воедно, еден од нашите приоритети како издавачка куќа е поттикот и развојот на домашната книжевна сцена. Еден од примерите за вложувањето на „Арс Ламина“ во македонската литература е и конкурсот за книжевната награда Пегаз за најдобар необјавен роман што го реализираме во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Минатата година избравме двајца победници – Владо Јаневски со „Мртвите знаат најдобро“ и Љупчо Петрески со „Лазарка“, а овие романи веќе се отпечатени и се во продажба. Повикот полека прерасна во традиционален, каде им дадеме шанса на авторите кои имаат необјавен материјал“, вели маркетинг-менаџерот во „Арс Ламина“, Александра Лукиќ-Камиловска.
Таа го истакнува и проектот „Бајки од Македонија“,организиран заедно со Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.
„Минатата година отворивме повик за автори за ‘Современи бајки од Македонија’ и откако одбравме четири победници, беше распишан нов конкурс за илустратори за кој наскоро ќе бидат соопштени резултатите. Во рамките на овој проект веќе е издадена илустрираната книга ‘Бајки од Македонија за цела година’, која беше вброена во престижната листа ‘Вајтрејвенс’ (WhiteRavens), помеѓу двестете најдобри книги за деца и млади во светот“, додава Лукиќ-Камиловска.
Едиција со која „Арс Ламина“ особено се гордее, како што вели таа се и „Македонски книжевни класици“, во чиишто рамки се објавени дела од култни македонски писатели.
Меѓу нив се девет изданија (‘Тунел’, ‘Боемите’, ‘Пофалби и поплаки’, ‘Лакримариј’, ‘Јазли и Бежанци’, ‘Вечна куќа: тажаленки’, ‘Дални наковални’, ‘Скакулци’, ‘Последните селани’, ‘И на небо и на земја’) од Петре М. Андреевски, стихозбирката ‘Скопјани’ од Гане Тодоровски, ‘Пасквелија и Нова Пасквелија’ и ‘Големата вода’ од Живко Чинго. Култните македонски дела ‘Зора зад аголот’ и ‘Кратката пролет на Моно Самоников’ од Димитар Солев, се реобјавени исто така во ново руво со специјално дизајнирани корици.
“Целта е овие култни дела да пронајдат свое место и кај новите генерации, осовременети и преоблечени во ново руво, а сепак да се во корелација со творештвото на секој од авторите и со нивната оставина. Секако, во план е оваа едиција да се збогатува и понатаму“, истакнува Лукиќ-Камиловска.
Од „Арс Ламина“ исто така додаваат дека во план е во иднина да се издадат уште многу дела што се сметаат за столбови на нашата литература со цел да допрат до новите генерации читатели. (Д.Т.)
Comments