top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Левандовски и понатаму е најблиску до „златната копачка“

13.04.2021 April Vtornik

ФУДБАЛ

Трката за „златната копачка“, наменета за најдобриот стрелец во фудбалска Европа за сезоната 2020/2021, влегува во завршницата. Најдобрите напаѓачи во Европа, како Роберт Левандовски, Кристијано Роналдо, Лионел Меси, но и Ерлинг Холанд, Мохамед Салах, се во трка за детронизација на Чиро Имобиле, кој лани беше најефикасен со 36 гола, пишува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА). Во моментов убедливо најдобар стрелец е Левандовски од Баерн, со 35 гола (или 70 поени), но тој моментно е повреден и ќе паузира уште две-три недели. Тој е и во трка по рекордот на Герд Милер од 40 гола во германската Бундес-лига, од сезоната 1971/1972. Втор на голгетерската листа во Европа сезонава е Роналдо од Јувентус, со 25 гола (50 поени) во италијанската Серија А. Роналдо последен пат ја освои „златната копачка“ во сезоната 2014/2015, кога постигна 48 гола за Реал Мадрид во шпанската Ла лига. Меси од Барселона и Андре Силва од Ајнтрахт Франкфурт се на делба на третото место, со по 23 гола (по 46 поени) сезонава. Потоа следуваат Килијан Мбапе од ПСЖ, Ромелу Лукаку од Интер и Холанд од Борусија Дортмунд, со по 21 гол (по 42 поени).

Жерар Морено од Вилјареал, Карим Бензема од Реал Мадрид и Луис Суарез од Атлетико Мадрид постигнаа по 19 гола во Ла лига сезонава, колку и Хари Кејн од Тотенхем и Мохамед Салах од Ливерпул, во англиската Премиер-лига (сите по 38 поени). До крајот на сезонава во фудбалските првенства на Германија, Англија и на Франција има уште по шест кола, а во шампионатите во Шпанија и во Италија по осум кола. Од 1997 година стрелците во петте највисоко рангирани лиги во Европа за еден постигнат гол добиваат по два поена. Претходно признанието го добиваше фудбалерот со најмногу постигнати голови. Првично „златната копачка“ ја доделуваше списанието „Л’екип“, но од сезоната 1996/1997 тоа го презеде здружението на Европските спортски медиуми. Меси е рекордер со шест „златни копачки“.




1 view

Comments


bottom of page