КУД „Мирче Ацев“ – 75 години чувар на македонскиот фолклор
- Aleksandar Santovski
- Sep 15, 2022
- 2 min read
Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ од Прилеп со целовечерен концерт, со гости, одбележа 75 години од формирањето. Низ годините, друштвото е чувар на богатото македонско културно наследство. Ансамблот е основан во 1947 година. Во досегашната работа, како што вели претседателот Горан Василески, покажало видни резултати.
– Во текот на своето постоење, членовите на овој ансамбл одржале над 5.000 концерти, во градот и на многу смотри и фестивали во државата и во странство, каде што се стекнати голем број признанија, дипломи и пофалници. КУД „Мирче Ацев“ досега гостувал речиси на сите континенти во светот, достојно презентирајќи го македонскиот фолклор. Значајни се успесите постигнати на меѓународните фестивали во Ланголен, Англија, во 1969 година, потоа во Миделкерке, Белгија, во 1970 година, па во Овиедо, Шпанија, во 1970 и во 1975 година, во Ница, Франција, во 1979 година и многу други. Младите игроорци и игроорки со силен ентузијазам и голема љубов кон народните игри, песни и носии, автентично ги интерпретираат на сцената обичаите од историското минато на македонскиот народ – вели Василески.
За обележување се настапите во Кожле, Полска, во 1994 година, во Ешме, Турција, во 1996 година, големата турнеја низ Западна Европа (Франција, Германија, Данска и Белгија) во 1997 година. Потоа во Романија (1998), Бергама и Измир, Турција (1999), Кедриерзин, Полска (2000), Мароко (2000), Познањ, Полска (1989, 1994, 2001, 2015), Монт Брисон, Франција (2002) и многу други.
– Друштвото има реализирано гостувања во земјите низ Балканот, односно во Србија, Хрватска, Бугарија, во Грција… Големо задоволство ни беше настапот на познатата културна манифестација „Галичка свадба“, а таа чест нашиот ансамбл ја имаше во 2007 година, во изведба на бисерите на македонскиот фолклор „Тешкото“ и „Невестинското“ пред повеќеилјадната публика во Галичник. Многу ни значи освојувањето на првото место на Меѓународниот фолклорен фестивал во Велика Горица, Хрватска, во 2016 година. Задоволни сме и од соработката со Катедрата за словенска филологија на универзитетот „Адам Мицкиевиќ“ во Познањ, Полска, што сведочи и за нашите чести гостувања во овој град, кој е вистински љубител на македонскиот фолклор и култура – вели Василески.
Toj со години е дел од друштвото и како игроорец, кое со негувањето на македонскиот фолклор и презентирањето на македонските традиционални песни, ора, инструменти и носии е чувар на големото македонско културно богатство. Ка.М.

Comments