Крис Сатон: Ова личи на фудбалот од порано
АНГЛИЈА
Гледачите на трибините на стадионот „Вембли“ во Лондон, точно 7.773, го одбележија финалниот натпревар на фудбалскиот Лига-куп на Англија што четврта година во низа го освојува Манчестер сити, вкупно осум пати, колку што има и Ливерпул, со победата над Тотенхем со 1-0. – Ова личи на фудбалот од порано. Убаво е да се видат гледачи на трибините, ги гледате како прославуваат, гледате како играчите го креваат трофејот – изјави Крис Сатон, поранешниот фудбалер на Блекбурн и на Челси, сега стручен коментатор на „Би-би-си“ за гледачите на трибините на „Вембли“, најголема бројка во Англија од март 2020 година и пандемијата на ковид-19. На стадионот „Вембли“ имаше 4.000 гледачи пред десетина дена, на полуфиналниот натпревар во ФА-купот, Лестер – Саутемптон (1-0). Следен чекор, според најавите на Владата на Велика Британија, е на „Вембли“ на финалето на ФА-купот на 15 мај, помеѓу Челси и Лестер, да присуствуваат 21.000 гледачи, како дел од Програмата за истражување настани, за да се испита како безбедно да се вратат гледачите на стадионите до 21 јуни. ФА се надева дека на „Вембли“ ќе може да има и 90.000 гледачи за финалето на Европското првенство годинава, но 45.000 гледачи е веројатно пореалната цел, односно 22.500 на натпреварите во групната фаза и во полуфиналињата. Премиер-лигата планира од 17 мај на трибините на стадионите да дозволи присуство на 10.000 гледачи, под услов Владата да се држи до планираното. За да се обезбеди сите 20 клуба да играат домашни натпревари пред публика, Премиер-лигата најави некои промени во календарот.
Comments