Концертот „Киниса моме на вода“ на „Монистра“ вечерва на „Скопско лето“
Updated: Jul 22, 2021
21.07.2021 juli Sreda
Во рамки на манифестацијата „Скопско лето 2021“ вечер етно составот „Монистра“ ќе одржи концерт „Киниса моме на вода“ на Факултетот за ликовни уметности – објект Сули ан, со почеток во 20:30 часот.
Учесници на концертот се: Габриела Јанушевска – вокал, Александар Јовевски – кавал, тамбура, гајда, тапан, Јован Стрезовски – тамбура, Филип Николовски – тамбура, Дарко Ничевски – клавијатури, Марјан Андоновски – тапан, тарабука, перкусии, Дамјан Зифовски – ударни инструменти, перкусии.
Концертот, како што информираат од „Скопско лето“, ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани. Влезот ќе се регулира со билети по цена од 200 денари кои ќе може да се купат пред почетокот на концертот на влезот на објектот Сули ан.
Етно групата „Монистра“ е формирана во 2002 година. Основач и музички лидер на групата е Александар Јовевски. Сите членови на групата се музички образовани и имаат завршено Факултет за музичка уметност при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Групата свири македонска етно музика на изворни инструменти. Музиката е збогатена со модерни аранжмани се со цел да ги задоволи вкусовите на сите генерации.
Со досегашните концерти и настапи во земјава и на меѓународни фестивали, групата „Монистра“ се етаблира како многу успешен презентер на македонската етно музика. Особено ја негува неправилната ритмика по кој се препознава македонската песна и оро.
Во рамки на „Скопско лето“ утревечер ќе се одржи концерт на Анастасија Холц –сопран (Србија) и Билјана Петровска – пијано придружба. Концертот ќе се одржи во 20:30 часот во Фоајето на Националната опера и балет.
Comments