top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

КОМЕНТАР: Дали решението е Лазаров да биде селектор?

28.01.2021 januari cetvrtok

Светското првенство во ракомет се уште е во тек, но откако македонската ракометна репрезентација не успеа да стигне до завршницата, овие денови сме сведоци на дополнителни настани кои го окупираат внимението на ракометната јавност. Вчера РФМ потврди дека постигнале взаемна спогодба со Данило Брестовац, кој две години го имаше кормилото на „А“ селекцијата, да ја прекинат соработката. Тоа веднаш ги стартуваше шпекулациите за неговиот наследник, но прашање е дали е можно брзо и ефикасно решение. Да се разбереме, македонскиот ракомет под водство на Живко Мукаетов ги достигна своите најблескави моменти (деветто место на СП во Катар), а имавме и прекрасни резултати на Европското во Загреб каде што бевме лидери на групата по првата фаза (под водство на Раул Гонзалес), по што следуваше несреќната повреда на Лазаров. Сигурен сум дека и сега РФМ ќе направи се што треба да ангажира име кое ќе застане на чело на националниот тим и ќе го поведе низ оваа кризна ситуација. Медиумите почнаа да лиферуваат со името на капитенот Кире Лазаров, но искрено мислам дека најголемиот проблем во овој момент не е името на селекторот. Лазаров е легенда, човек кој го има ракометот во малиот прст и токму на истото прашање пред четири години напишав дека „шансата да се испроба како селектор ја сметам за легитимна, но дека поважно е да имаме силна тимска атмосфера и тим без слаби алки“. Раул Гонзалес покажа дека има подобар рецепт отколку „7 на 6“ што го форсираше Червар, но во ерата на Брестовац започна смената на генерациите која веќе подолго време ни се наметнува како реалност. Да нема недоумици: кога Лазаров ќе одлучи дека созреал моментот да стане селектор, тој заслужува да биде, а не под присила на јавноста, која не гледа добри опции во моментов. На пример, Бабиќ во Еурофарм се расфрла со купување странски, а македонските ракометари ја греат клупата и назадуваат. Нешто сосема различно од она што беше Червар во Металург, кој имаше „клуб-репрезентација“ и ја форсираше работата со младите. Оттука, не треба да се жали за пропуштеното на ова СП, туку да се направи добра анализа кој што прикажа и зошто прикажа толку колку што прикажа. Сигурен сум дека Филип Талески не заборавил преку ноќ да игра ракомет, а исто така и неговите соборци од 2017 во Алжир. Металург и Еурофарм колку и да на хартија да имаат репрезентивци, треба да ја согледаат минутажата што им ја даваат на македонските ракометари. Брестовац беше доволно храбар да ги „фрли во оган“, но на крајот тој ја сносеше одговорноста, бидејќи не можеше од нив да го извади посакуваното. Но, она преку што не можеше да се помине е дека тоа се случува по втор пат, по ЕП во Австрија 2020 година! Ако Македонија во Катар 2015 година стартери покрај Лазаров беа Наумче Мојсоски, Борко Ристoвски, Ацо Јоновски, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски и ред други искусни ракометари, денеска од таа постава покрај капитенот се само Стојанче Стоилов и Никола Митревски. Сега во националниот тим ги гледаме Мартин Томовски, Марио Танкоски, Горан Крстевски, Ненад Костески, Мартин Серафимов, Бојан Маџоски, Марко Мишевски и Мартин Велковски. Неминовно, тука е Филип Кузмановски од кого се очекува да биде нов лидер, но кој додека играше во Металург, не покажа такви склоности, напротив! Од друга страна, Лазаров веќе одамна удри темели за работа со македонските млади таленти и формираше клуб. Пораката е јасна, и тој неминовно еден ден ќе дојде на кормилото. Примери како Парондо, кој од играч преку ноќ стана тренер, потоа Чема Родригез и Филип Јиха – веќе постојат. Тоа оди во прилог на Лазаров, иако има договор со Нант. До натпреварот со Данска од квалификациите за ЕП ни претстојат нецели два месеци. Но, магично стапче не постои, потребно е да се размисли добро и да се започне процесот на доизградба на играчите. Но овој пат, треба и клубовите и нивните сопственици – сериозно да се замислат.


1 view

Comments


bottom of page