Колекционер на титули и создавач на врвни одбојкари
КИРЕ РИЧЛИЕВ, ТРОФЕЕН ТРЕНЕР НА СТРУМИЦА
Одбојкарите на Џио Струмица ја освоија титулата првак на Македонија осми пат во клупската историја, а на тоа се придодаде и седмиот трофеј во Купот на Македонија. – Радосен сум поради новата титула и поради Купот, не беше лесно против Универзитет Тетово. Честитки до одбојкарите од кои дури деветмина во овој состав се репрезентативци на Македонија – вели трофејниот тренер Кире Ричлиев (54), кој има удел во сите титули на Струмица и кој има двојна круна и со Мабетекс од Косово, а една година беше тренер на италијанската екипа Волеј-ро од Рим. Покрај трофеите, Ричиев може да се пофали и со податокот дека под негов тренерски надзор поминале многу македонски репрезентативци. – Ми годи тоа што од Струмица излегоа голем број репрезентативци. Низ мојата одбојкарска школа поминале повеќе од 25 поранешни и сегашни репрезентативци, кои со успех ги бранеле боите на Македонија. Голем дел од нив доста успешно играа(т) и во странство, а одбојката им стана професија. Нема тајни околу тоа, сѐ е во работата, во упорноста и во желбата на одбојкарите да учат и да напредуваат. Одбојката е спорт за кој е потребна височина и затоа селекцијата е важна, а битно е и тоа што клубот секогаш големо внимание им посветуваше на младите категории – вели Ричиев. На градско ниво, Ричлиев 15 пати бил прогласуван за најуспешен тренер. Како играч трипати бил прогласуван за најдобар спортист на Струмица, а го има добиено и највисокото општинско признание што се доделува за патронот на градот Струмица во областа на спортот.
– Цел живот сум со одбојката. Почнав на 11 години и уште многу млад, како талентиран играч, се најдов меѓу сениорите. Над 15 години бев во првиот состав на Струмица, од кои осум сезони одиграв и во Првата лига на тогашна Југославија. Бев дел и од првиот состав на македонската репрезентација, одигравме доста натпревари и на некој начин им го покажавме патот на следните генерации. Потоа бев тренер на репрезентацијата, истовремено и селектор на младинската репрезентација. Тренери ми беа Горѓи Нанов, Стефан Вета и Никола Донев, а краток период и Бугаринот, Тодор Пиперков. Од сите нив научив по нешто, сите имаат придонес во мојот одбојкарски и тренерски развој. По завршувањето на факултетот, ме назначија за професионален тренер на Струмица и оттогаш сум во клубот, со мали паузи. Си ја сакам професијата, ја работам со многу љубов и се трудам да им го пренесам моето знаење на сите што работат со мене – вели Ричлиев.
„Во иднина може да се очекува експанзија на одбојката и на клупско ниво“
Со ваучерот како помош за спортот, некои клубови го решија финансирањето и подобро се организираа. Одбојкарите редовно добиваат плата, екипите се засилуваат и со играчи однадвор, почна повеќе да се вложува во младите категории и во иднина може да се очекува експанзија на одбојката и на клупско ниво. За натамошниот развој на одбојката може да влијание и Федерацијата, која треба да им помага на клубовите за да се реорганизираат и да се финансираат во работењето со младите категории, вели Кире Ричлиев.
Comments