top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Кичево од град на култура, стана град без култура

12.01.2021 Јануари Вторник

“Поради состојбата со пандемијата од коронавирусот во нашата земја, планираната програма предвидена за манифестацијата ‘Град на културата за 2020’ не се реализира. Од тие причини и планираните средства во висина од 3 милиони денари не беа преведени од страна на Министерството за култура. Во моментов се изготвува Конкурсот за манифестацијата ‘Град на културата во 2021 година’ што ќе биде објавен во наредниов период“, велат во Министерството за култура

Кичево кое лани, поточно на почетокот на 2020 година, беше прогласено за „Град на културата“, до сега, речиси една година подоцна, не успеа да реализира ниту еден проект. И покрај ветувачката програма исполнета со бројни атрактивни содржини која оваа општина ја понуди на Конкурсот на ресорното Министерство за финансирање за проект од национален интерес, граѓаните не видоа ништо, а пандемијата ги затвори вратите на културните установи во градот, но и вратите за соработката со установите во другите општини. Конкурсот пак, за оваа традиционална манифестација која се реализира секоја година, за 2021, како што дознаваме од Министерството за култура, сè уште не е распишан, иако во февруари требаше да се знае кој град во државата ќе ја понесе титулата. За тоа дали годинава воопшто ќе биде распишан конкурсот од страна на Министерството за култура, оттаму посочуваат:

„На објавениот Конкурс на Министерството за култура за финансирање проект од национален интерес за манифестацијата „Град на културата во 2020 година“, и по разгледувањето на пристигнатите пријави, беше одлучено Општина Кичево да биде престолнина на културата во 2020. Меѓутоа заради состојбата со пандемијата од коронавирусот во нашата земја, планираната програма предвидена за манифестацијата не се реализира. Од тие причини и планираните средства во висина од 3 милиони денари не беа преведени од страна на Министерството за култура. Воедно остануваме на политиката за унапредување на културниот живот во локалните самоуправи и Министерството продолжува со активностите за рамномерен развој во целата земја. Во тој контекст, во моментов се изготвува Конкурсот за манифестацијата „Град на културата во 2021 година“ што ќе биде објавен во наредниов период“, велат надлежните. Од Кичево, пак, и покрај сите настојувања не успеавме да добиеме став по ова прашање.

Инаку, Кичево победи во конкуренција на уште две општини, Општина Штип и Општина Велес. Понудената програма на Општина Кичево нудеше мултикултурни содржини, партиципативност на локалната културна сцена, како и учество на уметници од странство. Со реализација на зацртаната програма, беше истакнато во февруари минатата година, ќе се придонесеше кон заживување, афирмација и целосна искористеност на расположливите градски просторни капацитети и локации во Градот. Сепак, од Министерството за култура не ни одговорија дали постои можност програмата на Кичево да биде реализирана барем во наредните неколку месеци, со оглед дека таква можност добија европските престолнини на културата.

Според Европската комисија, со одлука за дополнителен период, до крајот на април им се овозможува на Риека и Голвеј, европски престолнини на културата за 2020, да ги прикажат подготвените програми кои не беа во можност да ги исполнат поради ковид-19, а на другите три града Темишвар, Елефсина и Нови Сад, кои титулата требаа да ја носат во 2021 година, со ставањето на листа на чекање, им се остава време да се надмине падот во културниот и туристичкиот сектор и да ги соберат потребните инвестиции за своите амбициозни програми во 2022 и 2023 година. (Д.Т.)


0 views

Comments


bottom of page