Кинотека утре ќе ги врачи годинешните „Златни објективи“
На 26 мај во 12 часот, во дворот на кинотечното летно кино „Мирно лето“, на режисерот Коле Манев и на монтажерот Спасе Тасевски, ќе им бидат врачени годинешните „Златни објективи“ – признанија кои Кинотеката на Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден. Манев и Тасевски ќе добијат пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.
Спасе Тасевски (1945), како и повеќето филмаџии, негови современици и колеги, работел паралелно и на телевизиски и на филмски проекти. Работел на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“.
Коле Манев (1941), пак, спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но повеќе години работеше и на телевизиски и филмски проекти како режисер, сценарист и автор.
„Златниот објектив“ се доделува од 2006 година, а досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Мето Петровски, актерот и режисер Коле Ангеловски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Признанието се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
„Настанот ќе се одржи со целосно почитување на препораките за заштита од ковид-19. Доколку временските прилики не дозволат истиот да се одржи во летното кино, целиот настан ќе се одвива во холот на Кинотеката“, посочуваат од оваа институција.
Comments