top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Кинеската литература е исклучителна, последните години поинтензивно се преведува на македонски јазик

12.02.2021 februari petok

„Кинеската литература е исклучително богата и квалитетна, а досега многу ретко, речиси инцидентно, се објавуваа кинески книги на македонски јазик. Ние пред десетина години почнавме да ги објавуваме кинеските класици, односно најпознатите дела на класичната кинеска филозофија, а последните четири-пет години поинтензивно почнавме да објавуваме жанровски поразновидна кинеска литература“, вели за весникот ВЕЧЕР Нове Цветаноски од „Македоника литера“

Kинеска нова година е прослава на почетокот на новата година според традиционалниот кинески календар. Прославата се нарекува и Празник на пролетта или Пролетен фестивал. Секоја година е на различен датум, а паѓа на првата Млада месечина од првиот месечев месец или околу четири до осум недели пред пролетта. Оваа прослава е една од најважните во Кина и една од најпрославуваните. По повод Kинеската нова година, Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве (од 12 до 16 февруари) одржува интернет-саем на кинески книги.

„Вистинско време да се приближиме до Кина, да ја запознаеме оваа голема цивилизација и да уживаме во литературните дела на големите кинески мајстори на зборот. Кинеската цивилизација е најстарата жива цивилизација, па затоа кинеската култура, историја, филозофија и литература имаат долга традиција и поседуваат огромно цивилизациско наследство. Кинеската литература е исклучително богата и квалитетна, а досега многу ретко, речиси инцидентно, се објавуваа кинески книги на македонски јазик. Ние пред десетина години почнавме да ги објавуваме кинеските класици, односно најпознатите дела на класичната кинеска филозофија, а последните четири-пет години поинтензивно почнавме да објавуваме жанровски поразновидна кинеска литература. Објавивме селектирани и репрезентативни дела. Тоа се квалитетни дела одбрани од повеќемилионска продукција и од илјадници автори и овозможуваат одличен пресек и запознавање на кинеската култура и литература. Сите тие книги се темелни и многу важни за запознавањето на Кина, кинеската култура, литература, историја и сегашност“, изјави за весникот ВЕЧЕР Нове Цветаноски од „Македоника литера“.

Репрезентативни кинески книги


На овој е-саем „Македоника литера“ ќе претстави педесетина репрезентативни кинески книги од областа на кинеската култура, историја, филозофија… За читателите се достапни најпознатите филозофски класици, како и серијата „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“, од која досега се публикувани шест тома, а во најава за објавување се и деветте предвидени тома, по нивното публикување во Кина, кое треба за заврши оваа година. Како избор за најмладите тука е и серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“. Во рамките на таа едиција досега се објавени 13 тома со избор од прозното творештво на најпознатите кинески писатели за деца и млади. Минатата година оваа издавачка куќа објави и седум книги од најпознатиот и најпродаваниот писател за деца во Кина, Шен Шиси, познат и како „кралот на приказните за животни“.

Недостиг од знаења за книжевноста на Кина

Кинеската цивилизација не е случајно најстарата жива цивилизација. Таа се темели на стари етички и хуманистички вредности. „Од кинеските книги македонските читатели може да ги разберат и да ги запознаат најважните аспекти на традиционалната кинеска мисла и култура, односно да го разберат и духовниот свет на современа Кина и на кинескиот народ. Преку овие книги тие може да го откријат клучот за долговечноста и просперитетноста на кинеската цивилизација. На овој начин ние може да учиме од најдобрите цивилизациски искуства на другите. И да ја развиваме свеста за својата култура и традиција. Да учиме како да ја градиме својата култура. Кинеската мудра мисла е темелна мисла за човештвото. Конфучијанизмот, таоизмот и будизмот се многу повеќе од филозофија. Кај нас, но и на Запад, има недостиг од знаења за цивилизациските вредности и традиции, но и за книжевноста на Кина. Има недостиг од знаења за причините зошто е најстара и зошто и натаму е многу моќна и просперитетна. Кај нас, па и во Европа, или во голем дел од Европа, сѐ уште недостигаат не само детални, туку и основни (општи) знаења и познавања за основните етички, општествени, културолошки и естетски вредности на кинеската традиционална култура, мисла, историја, филозофија, книжевноста, уметноста и за хуманистичкиот дух на кинескиот народ“, додава Цветаноски.

Тој истакнува и дека токму раководејќи се од критериумот – книги со трајни цивилизациски вредности, „Македоника литера“ публикува изданија за класичната кинеска филозофска мисла, но и современи книжевни дела, и за возрасни и за млади, во кои индиректно се одразени тие цивилизациски вредности.

„Ние објавивме дваесетина ремек-дела за деца и млади кои токму поради тоа се подеднакво интересни и за возрасните читатели. Тие се привлечни пред сè поради книжевните вредности, но и поради кинескиот хуманистички дух кој произлегува од тие книги, односно етичките вредности што се содржани во тие дела. Кај нас на Запад, односно на современиот свет, денес му се потребни вредностите и доблестите кои веќе неколку милениуми се темел на кинеската цивилизација и на кинеската мисла и култура. На овој е-саем ние нудиме извонредни дела со високи вредности, а по симболични цени, впрочем, како и за сите наши изданија, зашто нашата определба е да нудиме книги со висок квалитет, но со ниски цени“, завршува Цветаноски.

(Н.И.Т.)


14 views

Comments


bottom of page