Како бувовите ја вртат главата за речиси 360 степени
15.02.20201 februari ponedelnik
Во стилот на сцени од хорор-филмовите, бувовите можат да го ротираат вратот за дури 270 степени без да им пукнат крвните садови и да ги скинат тетивите. Овој феномен може да изгледа како филмска магија, но научниците од Медицинскиот факултет на универзитетот „Џон Хопкинс“ сега имаат податоци што ја објаснуваат оваа бизарна вештина, која со години ги воодушевува љубителите на птиците. Додека луѓето и другите животни можат едноставно да ги мрдаат очите за да ја набљудуваат околината или едноставно да користат периферен вид, бувовите мора да ја свртат целата глава. Овие птици имаат фиксирани дупки за очи, што значи дека не можат да ги ротираат очите, но имаат сериозно движење на вратот. – Птиците се градени така што нивните тела можат да издржат екстремни движења. Ткивото и крвните садови се направени флексибилни, така што не доаѓа до пукање – вели Ерик Форсман, биолог што го проучува дивиот свет при Шумската служба во САД. Бувовите се многу пофлексибилни од луѓето пред сѐ затоа што нивната глава е поврзана со телото само со еден зглоб.
– Кај нас луѓето тоа е различно бидејќи имаме два зглоба што ја ограничува нашата способност да ја ротираме главата – додава Форсман. Бувовите имаат повеќе пршлени, мали коски што ги сочинуваат вратот и ’рбетот, а тоа им овозможува широк опсег на движење. Сепак, дури и со овие скелетни предности, телото на птицата не е во состојба да ги издржи ваквите екстремни нивоа на движење. За целите на ова истражување, тим од „Џон Хопкинс“ доби 12 мртви птици од едукативните центри и создаде 3Д-слики од нивните крвни садови и коски. Според извештајот, научниците инјектирале боја и течна црвена пластика во телата за да ги анализираат артериите пред дисекцијата.
Тимот откри дека бувовите имаат резервни артерии што нудат свежи резерви на хранливи материи, кои се активираат кога крвните садови се затвораат поради брзото вртење на главата. Форсман смета дека тоа е моќна одлика, но не е карактеристична само за бувовите. Многу птици имаат слична можност да погледнат зад нив. Јастребите со црвени опашки, на пример, имаат слична карактеристика на флексибилност како и нивните ноќни братучеди. – Има многу предности во животот со очи на грбот, затоа што можете, на пример, да забележите како предатор ви се прикрадува – додава Форсман. Бувовите можеби не се единствени во животинското царство, но сепак ја заслужија својата улога во холивудските хорор-филмови.
Comments