top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Иван Лесевски – шампион во два скијачки спорта

01.02.2021 januari ponedelnik

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА

МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (192)

Со името на Иван Лесевски е врзан еден куриозитет. Имено, помладите љубители на алпското скијање повеќе го познаваат како тренер одошто како натпреварувач. Оние постарите, пак, ќе се присетат дека тој не само што многу години беше присутен на алпските патеки на кои постигнуваше добри резултати туку еден период од својата кариера помина и како скијач на вода. Во овој вториот спорт, поточно во слалом, тој во 1971 година беше дури и младински првак на поранешната држава. Заедно со Илија Матовски, син на основоположникот на ракометот во Македонија, Славко, неколкупати се искачуваа на победничкиот пиедестал во скијање на вода. Двајцата често се менуваа на водечките места, на натпреварите на езерата низ поранешна Југославија. Сепак најрадосни беа кога тие победи ќе беа остварени на нашите езера, најчесто на велешкото „Младост“ (таму уште постои судиската куќичка) и на Преспанско, зашто тие победи пред своите гледачи им беа „најслатки“.

За оние што не се толку упатени во овој спорт да кажам дека натпреварите се одржуваа во слалом и во скокови, кои се изведуваа од специјално моделирани скокалници на кои скијачите пристигнуваа со голема брзина влечени од глисер, а потоа откако ќе пролетаа од платформата се вивнуваа во воздух и настојуваа доскокот да им биде што подалеку од мостот од кој се одразуваа. Со оглед на тоа што двајцата беа одлични алпски скијачи повеќе им лежеше слаломот, но и во скокови беа добри, па така Илија Матовски победи на еден меѓународен натпревар во Загреб, на кој Лесевски се пласира на 3-то место. Инаку, во скокови, со мали исклучоци, високите пласмани речиси редовно беа резервирани за Словенците, меѓу кои особено се истакнуваше Фужгар. Приказната за Иван Лесевски ја почнав токму со она, не толку афирмирано скијање кај пошироката јавност, за да потсетам дека токму во тој спорт во минатиот век Македонија имаше врвни натпреварувачи.

ОД ПЕТТАТА ГОДИНА СО СОПСТВЕНИ СКИИ

Со Лесевски е многу интересно да се разговара. Неговите импресии за она што останало зад него се уште свежи. – Често во младите години знаев од тренинг на глечер во Алпите, по неколку дена да се најдам во езерските води и тука да продолжам да скијам. Навистина сето тоа за еден млад спортист беше многу возбудливо. Но интересна е мојата приказна за тоа како почнав со скијањето, зашто јас паралелно играв и ракомет. Бидејќи живееме под падините на Водно, во долгите снежни зими, кои сега ги нема, сите ние децата од маалото зимските месеци ги минувавме во санкање, во месноста наречена Јајце, на падините над Козле. Така беше сѐ додека еден ден татко ми не се појави со скии во рацете. Тој, минувајќи покрај некој магазин кај поранешното фудбалско игралиште на Милиционер, каде што е сега МВР, забележал дека меѓу другите спортски реквизити има и скии. Знаејќи колку сакам да се санкам и скијам ми купил еден пар од оние помалите детски скии. Тогаш имав само пет години и јас пресреќен веднаш отрчав со скиите да им се пофалам на моите другарчиња, кои веќе беа насобрани кај Јајце, каде што имаше еден краток спуст со четири врати, кои ние самите ги поставивме. Од тој ден не помина долго време, па речиси сите ние децата бевме екипирани со скии. Не одеше еден да има, другите да немаат – вели Лесевски.

Така, скијањето на децата од целото маало во кое живееше Иван во зимските снежни месеци им стана секојдневие. Подоцна беше формирана ски-школата „Црниче“ и многу од неговите другари, меѓу кои беше и тој, почнаа сериозно да тренираат. Оние, пак, што беа без некои натпреварувачки амбиции, онака од мерак повремено доаѓаа, па и тие по неколкупати ќе се спуштеа по патеката. – Бев решен скијањето да ми биде основен спорт, и покрај тоа што во училиштето ги практикувавме сите спортови, а подоцна во возрасните години играв и ракомет за Кале. Мои први тренери ми беа поранешните скијачи Ѓорѓи Кондратенко и Михајло Мишо Трајковски. Од нив многу научив и ми стана јасно дека може да напредувам во овој спорт, за кој уште повеќе се загреав по гледањето на филмот „Црна стрела“, посветен на легендарниот австриски скијач Тони Зајлер, кој беше олимписки шампион и прва ѕвезда во светското скијање – вели тој.

СТАРТ СО ПАД ПРЕД ЦЕЛТА

Првите настапи Лесевски ги имаше на 10-годишна возраст. Првата официјална трка на Лесевски во Маврово, во рамките на пионерското првенство на Македонија во 1964 година, за него заврши малерозно. – Пред целта имаше една тумба, а јас онака засилен и во полна брзина, без доволно искуство, налетав на неа. Веќе во следниот момент се најдов во воздух, потоа се стркалав на снегот и така без пласман заврши мојот дебитантски настап. Но тоа не ме разочара, напротив со поголем елан продолжив да тренирам. Инаку, во трката во Маврово прв беше неприкосновениот Андон Кечевски. Потоа, откако Кечевски замина во погорните старосни конкуренции и јас се доближував до врвот, а неретко и победував. Се сеќавам, во времето кога дебитирав, најдобриот наш алпски скијач Рефик Јахја ја завршуваше богатата кариера – вели Лесевски. Меѓу скопските скијачи во групата со Лесевски беа и подоцнежните прваци речиси во сите конкуренции, Илија Матовски, Љупчо Мартиновски и Драган Вучиќевиќ. – Сите бевме одлични другари и ми причинуваше големо задоволство кога требаше со нив да одам на тренинг или на трка. Исто така, откако го добивме потребното искуство, често одевме и на подготовки. Тоа беше период кога се формираа и повеќе клубови во Скопје, од кои најпознати беа Работнички, во кој и јас членував, потоа Младост и ФЦУ. Често скијачите од сите клубови заедно тренираа, а на натпреварите водевме голема борба за што подобар пласман. Имаше конкуренција, но и големо другарство. Немаше љубомора, тој што во моментот беше подобар победуваше, а ние другите му честитавме – вели Лесевски.

НОВ МАЛЕР, ПОВТОРНО ВО МАВРОВО

Ова беа години што оставија силен печат во меморијата на Лесевски и на неговите другари. Тие веќе не беа почетници, туку натпреварувачи кон кои се гледаше со респект. – Кога се враќам на тој период повторно ќе го споменам Маврово. Таму, каде што ја имав првата трка, која заврши со пад пред целта, истото ми се повтори и неколку години подоцна, во 1973 година, и тоа на државното првенство за сениори, кое вторпат се одржа на падините на Бистра. И овој пат, во спустот паднав пред целта. Меѓутоа, овој пат не од неискуство, туку од изненадувањето што ни го приреди поставувачот на патеката. Имено, последната врата беше поместена и беше многу на страна, што не беше случај кога трениравме. Така, не можев да влезам во линијата на движење, во обид по скокот да го сменам правецот паднав и останав без пласман на првенството на Југославија. Инаку, во тоа време конкуренцијата беше многу силна. Не треба да споменувам дека Словенците беа главни, впрочем тоа беше периодот кога тие се пробиваа и кон челните места во Светскиот куп. Од таа генерација би ги споменал Газвода, Јакопиќ, Гашпаршиќ, потоа се појави и Бојан Крижај, со кои долго време се среќававме и другарувавме. Нивните искуства беа од големо значење за мене, особено подоцна кога почнав професионално да се занимавам со тренерската работа – продолжува Лесевски. За натамошната кариера на Иван Лесевски како активен скијач и тренер-селектор на македонската репрезентација ќе читате идната недела.

ИВАН ЛЕСЕВСКИ

Роден: во 1954 во Скопје Кариера: ски-школата „Црниче“, СК Работнички, репрезентација на Македонија Успеси: први места на шампионатите на Македонија во алпско скијање во пионерска и во младинска конкуренција, еднаш победник на Пелистерскиот велеслалом меѓу сениорите, победник на тримечите Македонија – Србија – Црна Гора, младински првак на поранешна Југославија во скијање на вода, слалом, повеќекратен младински и сениорски првак на Македонија во скијање на вода, слалом и скокови Тренерска кариера: тренер и селектор на македонската алпска репрезентација, учесник на шест зимски олимпијади

www.novamakedonija.com.mk



2 views

Comentarios


bottom of page