top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

И Римската бања на Плаошник културно наследство во опасност

„Во текот на оваа година ќе се изведе потпорниот sид како прва фаза, a во текот на наредната година и покривната конструкција. Дури потоа треба да се работат проекти за конзервација на мозаикот од Римската бања и да се врши негова конзервација. Моменталната состојба на овој објект е лоша и од тие причини истиот е прогласен за културно наследство во опасност“, вели за весникот ВЕЧЕР Даниела Недељковиќ, директорка на Завод и Музеј Охрид

Плаошник кој се наоѓа во јужното подножје на повисокиот (западниот) рид на Охрид, на зарамнето плато меѓу цитаделата на Самоиловата тврдина и црквата Св. Јован Канео на брегот од Охридското Езеро, е исклучителен археолошки комплекс со културни слоеви од праисторијата, Антиката и Средниот век. Значајни наоди има и од Римскиот период од кој за првпат во Македонија се открија подни мозаици во рамките на објект – бања… Токму за Римската бања годинава од Министерството за култура се издвоени средства во висина од 2,5 милиони денари, кои се наменети за нејзино препокривање.

“Во текот на минатата година изработени се проекти за изведба на потпорен sид од северната страна на римската бања и проект за изведба на покривна конструкција над Римската бања. Во текот на оваа година ќе се изведе потпорниот sид како прва фаза, a во текот на наредната година и покривната конструкција. Дури потоа треба да се работат проекти за конзервација на мозаикот од римската бања и да се врши негова конзервација. Моменталната состојба на овој објект е лоша и од тие причини истиот е прогласен за културно наследство во опасност. Веднаш после потпишувањето на договорите со Министерството за култура ќе се отпочне со конзерваторските активности“, вели Даниела Недељковиќ, директор на Завод и Музеј Охрид.

Таа посочува дека состојбата на останатите мозаици на локалитетот е добра затоа што истите се конзервирани во изминатиот период.

“Треба да се довршат археолошките истражувања во археолошкииот комплекс, да се изработи проект за конзервација на целиот партер и да се продолжи со комплетните конзерваторски активности на целиот археолошки локалитет. Горенаведеното е неопходно од причини што ќе дојде до оштетување на остатоците од постари градби кои се откриени во археолошкиот локалитет“, додава Недељковиќ.

Инаку, Плаошник или „Плаош“ е познат како светилиште уште од почетоците на христијанството, а веројатно и пред тоа. На овој локалитетот има остатоци уште од железно време. Од овој период во 2008 година откриен е гроб на покојничка од висок општествен ранг. Се проценува дека откритието датира од преминот на осмиот во 6 век пред нашата ера и станува збор за оставнина на Енгеланите, кои во тоа време ја населувале западна Македонија.

Во 2002 била пронајдена монументална и богато декорирана ранохристијанска крстилница, каква што досега не е најдена во Македонија. Крстилницата е со огромни димензии, многу поголема од онаа во Стоби, а украсена со прекрасни мозаици кои се со претстави на геометриски и животински фигури.

Во 2007 година, бронзената фигура висока 20 см на човек со крила, наречена „Дедал“ е пронајдена под мозаичната површина. Откако ја исчистиле, археолозите сфатиле дека ова е единствено откритие, слична фигура досега не е пронајдена никаде на Балканот, а и пошироко. Богат е и македонско-хеленистичкиот период. Од тој период има остатоци од градби што значи дека тука имало населба во 3-2 век пр.н.е. и пронајден е многуброен движен археолошки материјал што потврдува дека Лихнидос бил урбано развиен центар, монденски град на брегот на Охридското Езеро, покрај магистралата Виа Егнација. На мозаиците од римскиот период пак, се презентирани тврдината, разни геометриски фигури, орнаменти. И во овој период има остатоци од објекти и храмови и се претпоставува дека таму бил и храмот на богот Дионис…

Народното предание дека на ова место постои Климентова црква и неговата гробница, било потврдено по првите археолошки ископувања во 1943 година, кога проф. Димче Коцо ги открил темелите на Климентовата црква и во исто време и гробницата на свети Климент Охридски. Врз темелите на ранохристијанската базилика, од која се зачувани остатоци, била изградена црква со триконхална форма (лист на детелина), архитектонски облици какви што биле негувани во 9 век во Византија. Црквата била обновена во 12 век, а потоа уште еднаш во 13 век. Понатака кон оваа црква биле доградувани капели, а во 14 век припрата и надворешна припрата со камбанарија. Фреските од првобитната Климентова црква од 9 век не се зачувани, а фрагментите на пронајдените фрески, во текот на археолошките истражувања, им припаѓаат на три различни периоди на обновувањето и проширувањето на Климентовиот манастир. По доаѓањето на Османлиите, Климентовата црква била претворена во џамија, позната под називот Имарет џамија, која повеќе не постои… Црквата е возобновена во 2002 година… (Д.Т.)


4 views

Comments


bottom of page