„Златен објектив“ на Кинотеката за Спасе Тасевски и Коле Манев
Традиционалната награда „Златен објектив“ која Кинотеката ја доделува секоја година по повод нејзиниот роденден, 29 април, годинава ќе ја добијат филмскиот и телевизиски монтажер Спасе Тасевски и филмскиот и телевизиски режисер Коле Манев.
За годинашните лауреати одлучи Управниот одбор на Кинотеката. Оваа награда им се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Пригодните плакети и значки на Тасевски и Манев ќе им бидат врачени на манифестацијата „Златен објектив“ што ќе се одржи во Кинотеката по велигденските празници, согласно со здравствените протоколи.
Телевизискиот и филмски монтажер Спасе Тасевски (Скопје, 1945) од 1965 година работел во РТВ Скопје, најпрво како асистент-монтажер, а потоа самостојно како монтажер на телевизиската програма. Паралелно со работата во РТВ Скопје (МРТВ) работел и како монтажер на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Живее и работи во Скопје. Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови „Истрел“ (1972), „Татко (Колнати сме, Ирина“ (1973), „Јад“ (1975), „Пресуда“ (1977), „Оловна бригада“ (1980), „Светло сиво“ (сегментот „Птицата урубу и девица“, 1993), кратките, документарни и анимирани филмови „Вирово“ (1968), „Шестиот играч“ (1976), „Пецко – еден ден живот“ (1983), „Пецко – нафтен дериват“ (1983), како и бројни телевизиски проекти.
Филмскиот и телевизиски режисер Коле Манев (Бапчор, Костурско, 1941) се вбројува и во најеминентните македонски сликари. Училиште за применета уметност завршил во Скопје. По студирањето на Ликовната академија во Белград (1960 година) заминал на студиски престој во Париз, а потоа престојувал во Прага, каде што посетувал предавања за анимиран филм. Како што посочува Кинотеката, своите дела Манев ги изложувал на повеќе самостојни и групни изложби во земјава, во Франција, како и во земјите од Балканот. Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство. Живее и работи во Скопје. Манев е сценарист и режисер на долгометражниот документарец „Тулгеш“ (1977), краткиот документарец „Црно во црно“ (1984), телевизискиот филм „Мост“ (2006) и други телевизиски остварувања. Наградата „Златен објектив“ досега ја добиле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.
Comments