Збогување со легендарниот Чик Корија во чии настапи уживаа и скопјани
15.02.2021 februari ponedelnik
Светската музичка сцена остана без уште еден великан. Почина легендарниот американски џез-композитор и пијанист Чик Корија. Во објавата на неговата фејсбук-страница се вели дека Корија починал од редок облик на канцер во 80-та година на 9 февруари.
Култниот музичар е еден од уметниците со најголем број номинации во историјата на наградата „греми“, дури 63 и со 22 освоени награди. Компонирал музика од класичен стил до авангарда, од бибап до џез-рок фузија, од детски песни до камерни и симфониски дела, или како што го дефинира „Њујорк тајмс“, „Чик е светлост на врелата и вечна младост“.
Најпознат е по својата работа во текот на 1970-тите кога како еден од пионерите на овој жанр го лансира фјужн џезот. Бил член на бендот на Мајлс Дејвис во текот на 1960-тите, а потоа продолжува со својот оркестар „Враќање во вечноста“. Од 1980 г. продолжува да истражува различни музички стилови, самостојно и преку соработка со други уметници.
– Сакам да им се заблагодарам на сите што во текот на целиот мој пат помогнаа да летаат искрите на музиката. Се надевам дека оние што имаат желба да свират, да пишуваат, да настапуваат ќе можат да го прават тоа во иднина. Ако не за самите себеси, тогаш за нас другите. Не само што на светот му се потребни повеќе уметници туку и затоа што со нив животот е позабавен – напишал Корија непосредно пред да почине, објави неговиот тим на Фејсбук.
Освен џез, Чик Корија свирел и класична музика, а компонирал и класични концерти што ги свирел со Лондонската филхармонија.
Македонската публика имаше чест да го слушне големиот музичар на два незаборавни концерта. Првиот пат Корија настапи на „Скопскиот џез-фестивал“ на 26 октомври во 2009 година. Всушност со неговиот концерт, кој беше вистинско уживање за домашните љубители на џезот, беше затворен фестивалот.
Вторпат славниот џез-музичар одржа концерт во Скопје на 2 јули 2017 година во „Метрополис арена“, во организација на продукцијата „Спектаклум“, кога настапи со „Чик Корија електрик бенд“ во рамките на ексклузивната светска турнеја. Тогаш и македонската публика имаше шанса да го слушне во живо проектот, кој засекогаш ќе биде дел од музичката револуција во џез-музиката.
Comments