Дончиќ по вторпат го потопи Клиперс, Дејвис одигра шампионска партија за враќање на Лејкерси (Видео)
Лука Дончиќ е уверен во намерата да му се одмазди на Лос Анџелес Клиперс за поразот во плејофот минатата година, бидејќи изминатава вечер одново брилјираше во „Стејплс центарот“ и му донесе водство на својот Далас од 2:0 во серијата. Маверикси покажуваат завиден квалитет во ситуација кога се крши резултатот, а клучен фактор во играта без никаков сомнеж и извонредниот Словенец кој овојпат ги потопи Клиперси со 39 поени, 7 скокови и 7 асистенции. Лука одигра навистина супер партија во која испорача и пет тројки, но доби поддршка од соиграчите, а особено од Хардавеј и Порѕингис кои уфрлија по 28 и 20 поени. Во поразениот тим, Кави Ленард постигна 41 поен, но тоа беше премалку за домаќинот кој мораше да се помири со втор пораз во серијата. За разлика од Клиперси, Лејкерси се врати во игра и израмнија на 1:1 против Феникс, натпревар кој беше прилично изедначен, но во кој гостите покажаа шампионска игра во одлучувачките моменти. „Езерџиите“ победија со 102:109 и не дозволија ново разочарување, а прво име на паркетот беше Ентони Дејвис кој ја прикажа формата од минатогодишниот плејоф кога Лејкерс ја освои титулата. Дејвис го заврши мечот со 34 поени, 10 скокови и 7 асистенции, Шрудер уфрли 27 поени, додека Леброн Џејмс покрај 23-те поени, придодаде со 4 скокови и 9 асистенции. На третиот меч во НБА, Бруклин одново го декласираше Бостон со 130:108 и поведе со 2:0 во серијата во која е апсолутен фаворит.
Comments