Големата тројка во трка по нови рекорди
ТЕНИС – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ РОЛАН ГАРОС
По денешната ждрепка, од 18 часот во француската престолнина Париз, ќе бидат познати распоредот на мечевите и патот по кој тенисерите ќе се обидат да стигнат до 54-та титула на престижниот француски тениски гранслем-турнир Ролан Гарос (се игра од 1891 година) од почетокот на т.н. опен-ера (од 1968 година, кога на гранслем-турнирите им е дозволен настап на професионалните тенисери). Шпанецот Рафаел Надал, кој ја има улогата на четирикратен бранител на титулата, а наедно и тенисер со најмногу освоени титули на Ролан Гарос, 13, заедно со Швајцарецот Роже Федерер ќе се обиде да стигне до рекордната 21. гранслем-титула во кариерата (двајцата имаат по 20), а за Федерер и светскиот рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ (18 гранслем-трофеи) турнирот во Париз ќе биде можност да станат првите тенисери што победиле барем по двапати на секој од четирите гранслем-турнири во опен ерата. Сите погледи ќе бидат свртени кон Надал, кој во Париз се враќа седум месеци по освојувањето на 13-та титула на Ролан Гарос. На терените во Париз ќе настапат 10-те најдоброрангирани тенисери на АТП-листата, вклучувајќи ја големата тројка, Ѓоковиќ (кој во февруари годинава го освои Австралија опен), Надал (победник на неодамнешниот турнир во Рим од мастерс-серијата 1.000) и Федерер (има една победа и два пораза на турнирите годинава), кој го пропушти минатогодишното издание на гранслем-турнирот во главниот град на Франција поради повреда. Наградниот фонд на Ролан Гарос, кој треба да почне в недела, и да трае до 13 јуни, ќе изнесува 16.404.509 евра.
Comments