Во КИЦ: Продукција во криза – од уметникот Игор Станоески
Во Културно – информативниот центар во Скопје, поточно во изложбениот салон – Империјал 2, од 6 до 18 мај 2021 година ќе биде отворена изложба на слики насловена „Kриза“ од Игор Станоески.
Пред јавноста ќе бидат изложени 20 дела работени во техника акрилик на платно, создадени 2020.
Авторот Игор Станоески завршил Средно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ – Скопје во 2004. Дипломира на Факултетот за Ликовни Уметности – Скопје , во класата на проф. Жарко Башески во 2013 година. По дипломирањето работи паралелно на уметнички истражувања во насока на спојување на класичните медиуми во мултимедијална целина која опфаќа звук (музика), форма (скулптура) , цртеж и боја. Првите интернационални референци ги добива во сферата на музиката и аудио-визуелните проекти , меѓутоа подоцна акцентот на неговото творештво се доближува кон традиционалните ликовни медиуми како сликарството и вајарството низ повеќе самостојни и групни изложби во земјава и надвор. Во 2017 година го официјализира своето творештво отворајќи ја фирмата “Креативна работилница ИГИМЕН “ со дејности, создавање и издавање на аудио записи и креирање на уметничко творештво.
Има реализирано четири самостојни изложби во Македонија и Германија од 2016 до 2019 година, а од 2012 до 2017 учествувал на неколку групни изложби во Македонија.
Comments