top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Во Дојран се снимаат завршни сцени од грчко-македонската копродукција „Зад стоговите сено“

25.02.2021 februari cetvrtok

Деновиве на локации низ Дојран се снимаат завршни сцени од грчко-македонско-германската копродукција „Зад стоговите сено” во режија на Асимина Проедроу чие снимање започна во Грција на 13 јануари.

Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски и македонскиот продуцент Владимир Анастасов посетија отворен сет на филмот во Дојран кој е поддржан од страна на Агенцијата за филм на Македонија, ЗДФ Арте од Германија и Грчкиот филмски центар, Грчката национална телевизија ЕРТ, но е препознаен и од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуроимаж.

„Оваа значајна соработка стана реалност, благодарение на Преспанскиот договор, и истата претставува размена на искуства помеѓу две филмски екипи, на две територии, отсликувајќи ги двата народа во создавањето на најголемото достигнување – филмско дело. Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина, вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење“, посочи Лазаревски.

Продуцентот Владимир Анастасов истакна дека ова е завршниот дел од снимањето на филмот и дека е една од првите ко-продукции со Република Грција, а се надева дека филмот ќе има успешен живот на фестивалите и во кино-салите.

Почесниот Конзул на Република Грција во нашата земја Ахилес Ракинас, пак, се заблагодари за поканата да присуствува на снимањето на „Зад стоговите сено“, проект кој е од големо значење за двете земји. „Љубител сум на филмот, ја следам продукцијата од целиот регион, се чувствуваат успесите, затоа верувам дека и овој филм ќе остави белег. Се надевам на идни соработки во секоја област, не само во филмот“, рече Ракинас.

Инаку, дејствието на филмот се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата. Режисерката Проедроу од Грција појасни дека во филмот станува збор за рибар кој живее во село на границата помеѓу двете земји. „Тој се плаши дека ќе оди во затвор заради измама и долгови. За да собере пари почнува да пренесува мигранти со неговиот брод. Главната дилема во филмот е дали да признае и да ја каже вистината или да се сокрие“, образложи Проедроу.

Поради настанатата ситуација со КОВИД-19 и воведувањето на карантин, се промени стратегијата за снимањето на овој филм, којшто сепак успеа да биде комплетиран на сетовите на македонската страна од Дојранско Езеро.

Главен продуцент на филмот е „Argonauts Production“, македонски продуцент е „Сектор Филм“ од Скопје, а копродуцент е и „Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR“ од Германија.




4 views

Comments


bottom of page