Во галеријата на ЦК „Иван Мазов – Климе“: Изложба на автопортрети од уметникот Трајковски
Во Галеријата на Центарот за култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, на 28 април ќе биде отворена изложбата „Автобиографија во слики“ на реномираниот македонски уметник Новица Трајковски. Посетителите ќе имаат можност да видат дваесет автопортрети настанати во последниве две децении.
“Наспроти класичарите во автопортетите на Новица, позадината е еднакво важна како и портретот: таа му овозможува на сликарот да го објасни, дополни или стави под знак прашалник она што е поставено во преден план“, напоменува во својот текст з аизложбата Душко Кралевски.
Уметникот често настојува во автопортретите да додаде доза на (авто)иронизација (мачка што му се качува на глава, или му седи в скут, мачки што зад него си вршат своја работа…). Сѐ е тоа само: „природа и општество“, нели?
Покрај ведри и шеговити, авторот знае да испрати и сериозни пораки, да се прикаже себеси како: човек зад решетки што мечтае да полета како птица; човек што со крајот на очите гледа кон небото; човек со затворени очи над кого лебдат три очи во различна состојба; човек што со надеж гледа кон светлината…
Comments