Во Битола се одржа литературното читање „Конески“
Македонско научно друштво-Битола и Педагошки факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ одржаа литературно читање со наслов „Конески“ посветено на 100 годишнината од раѓањето на академик Блаже Конески.
Со организирањето на ова литературно читање се реализираа две основни начела на Факултетот и на Друштвото, чествување на Конески и афирмација на македонскиот стандарден јазик, истакнаа деканот на Педагошки факултет, проф. д-р Добри Петровски и претседателката на Македонско научно друштво-Битола, доц. д-р Невена Груевска.
Пред академската јавност во овој град, учесниците потсетија на „Тешкото“, безвременските „Стерна“ и „Везилка“, одбрани стихови кои Конески ги посветил на Крали Марко, а беше прочитан, како што рекоа, аманетот на Конески – „Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.
Македонско научно друштво-Битола годинешната, годишна програма на Друштвото ја посветува на академик Конески, и ќе продолжи со јавни настани во чест на големиот јубилеј, потврди доц. д-р Невена Груевска, претседател на МНД-Битола.
Comments