Вестбрук со нов рекорд поблиску до Робертсон
Бекот на Вашингтон, Расел Вестбрук (32), постави нов рекорд во најсилната кошаркарска лига во светот. Во победата над Индијана со дури 154-141 (вкупно 295 коша!), тој стана единствениот играч во историјата на НБА-лигата, кој имал 20 или повеќе асистенции и скокови на еден натпревар, двапати во својата кариера.
Имено, Вестбрук го заврши мечот против Индијана со 14 поени, 21 скок и 24 асистенции за 39 минути игра. Ова е трет меч во НБА-лигата во кој еден играч успеал да оствари 20 или повеќе асистенции и скокови. Претходно тоа му успеало само на Вилт Чембрлен (2 февруари 1968), а пред две години (2 април 2019), првпат го стори тоа и Вестбрук, но со Оклахома (20 поени, 21 асистенција и 20 скока). Вестбрук сега има вкупно 178 трипл-дабл и му недостигаат уште три за да го стигне рекордот на Оскар Робертсон (181).
На овој меч Вашингтон постигна неверојатни 82 коша на полувремето, а најефикасен играч во победничкиот тим беше Јапонецот Руи Хачимура со 27 коша, додека кај Индијана Карис Леверт со 33. Вашингтон и Индијана во моментов се на последните две места на Источната конференција, кои водат во т.н. бараж за плејоф. Г.И.
Comments