top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Величествена, заслужена победа

02.04.2021 April Petok

Македонските фудбалери се вистински јунаци, извојуваа заслужена победа над големата Германија. Пресреќен сум, но не и премногу изненаден бидејќи репрезентацијата на Македонија созреа, подолго време игра добро, паметно, организирано, се знае кој што прави на теренот. Оваа победа е битна и за самодовербата што е на завидно ниво. Битна работа е и тоа што е надминат комплексот на инфериорност во дуелите со посилните и потрофејни репрезентации. Се игра без страв, како дома така и на гости, сите играат како еден, со срце и даваат максимум за боите на Македонија, изјави Андон Дончевски, првиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, од Мелбурн, Австралија. Поранешниот селектор на македонската репрезентација и фудбалер на Вардар, Ѓоре Јовановски, вели дека Македонија може да се квалификува и на Светското првенство во 2022 година во Катар. – Историска победа за Македонија. Колку е голема таа победа говори и податокот дека ова е втор пораз на Германците во минатите 20 години, од 2001 година од Англија, и сега од Македонија. Големи честитки заслужуваат сите фудбалери, како и стручниот штаб на чело со селекторот Игор Ангеловски.

По овој меч сигурно поинаку ќе нѐ гледаат и ќе размислуваат за нас противниците на претстојното Европско првенство. Мислам дека ако продолжиме со ваков приод и стил на игра, со вакво залагање и желба, имаме реални шанси да се квалификуваме и за завршниот турнир на Светското првенство во 2022 година во Катар. Штета што загубивме од Романија во првото коло, заслуживме барем еден бод, но има уште доста натпревари во квалификациите за да се надомести тоа – вели Јовановски. Кочо Димитровски, легендата на Вардар, човекот со најмногу одиграни натпревари во клупската историја, 845, вели дека е пресреќен. – Пресреќен сум, не можев да спијам мирно. Ми се наполнија душата и срцето по големата победа над Германија, која долго ќе се памети. Честитки до сите фудбалери, секако и до селекторот Игор Ангеловски, на заслужената победа. Одиграа многу паметно, дисциплинирано, тактички перфектно и покажаа дека заслужија да играат на ЕП. Мислам дека таму Македонија ќе биде тежок противник за сите репрезентации и оти уште не го кажала последниот збор – вели Димитровски.

Зоран Бошковски: Тактички одлично поставена игра

Тактички одлично поставена игра на Македонија, која имаше контрола на настаните на теренот и не ѝ дозволи на Германија, која имаше теренска, но јалова иницијатива, да создава изгледни шанси за гол. Македонија играше мотивирано, зрело, што за мене не е изненадување, бидејќи повеќето фудбалери со години се заедно и ги имаат поминато речиси сите репрезентативни селекции. Мислам дека ако продолжиме вака имаме шанси да освоиме едно од првите две места во групата што води на СП во Катар, зашто да не. Во септември ја пречекуваме Ерменија, потоа му гостуваме на Исланд, па играме дома со Романија. Овие натпревари се битни и мислам дека се можни повеќе сценарија со поволен исход за Македонија. Пред тоа е ЕП каде што Македонија, исто така, не е без шанси и каде што, според мене, од клучно значење ќе биде првиот меч против Австрија, вели Зоран Бошковски, стрелецот на првиот, историски гол за Македонија, на пријателскиот меч со Словенија, во Крањ, во 1993 година.

Митко Стојковски: Не е мала работа да се победи Германија

Голема, заслужена победа на Македонија, горд сум на неа како поранешен репрезентативец во првата генерација од 1990-тите години. Не е мала работа да се победи трофејна селекција каква што е Германија. Во почетокот од мечот бев малку скептичен поради дефанзивната формација, но набргу се виде дека Македонија нема само да се брани, што одлично го правеше, туку и дека преку транзиција ќе се обиде да го нападне противничкиот гол. Така и ги постигнавме двата гола, кои беа резултат на смислени, добро изработени акции, плус недосудениот пенал. Македонија покажа дека е добра репрезентација, која знае што сака, има план на игра и го исполнува. Мислам дека сме во добра позиција во групата со реални шанси, доколку одиграме на исто ниво како на првите три меча, да се бориме за едно од местата што водат на Светското првенство идната година, вели Митко Стојковски стрелецот на првиот гол за Македонија на официјален натпревар, против селекцијата на Данска (1-1), во септември 1994 година во Скопје, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 1996 година.



1 view

Comments


bottom of page