top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

В недела низ скопските улици Денот на „пежо 404“ по четврти пат

В недела, во Скопје, по четврти пат ќе се одбележи Денот на автомобилот „пежо 404“. Неколку примероци од ова легендарно возило ќе се паркираат во 12 часот пред кафулето „Манда“ во центарот на градот. Поддршка со своето присуство ќе дадат и клубовите на љубителите на возилата „мини“ и „буба“, со кои членовите на Клубот на љубители на „пежо 404“ редовно одржуваа заеднички патувања во Македонија и во странство, а се повикуваат да се придружат и сопствениците на други стари возила. Маршрутата предвидува искачување на Кале, фотосесија, а на враќање, возење по должината на булеварот Партизански одреди до Ѓорче Петров и назад до почетната точка. – Одбележувањето на Денот на „пежо 404“ е инспирирано од чувството на одговорност за зачувување на историските технолошки вредности, кои со одделни производи го достигнале својот, но и светскиот врв! Тие се и инспирација за креативноста на идните генерации. Да се возиш со „пежо 404“, буди чувство како да шеташ низ музеј, осознавајќи каков бил животот во минатото – велат организаторите на собирот.

Иницијативата за одбележување на овој ден се роди пред неколку години, од страна на неколку ентузијасти, кои, како што велат, преку ова случување, се трудат да ја зачуваат семејната традиција. Наедно, со навраќањето на убавите спомени од своето среќно детство, тие посакуваат активирање на позитивна енергија за креативно дејствување во актуелниот тежок момент. – За нас е важно и да ѝ покажеме на јавноста каков бил нашиот вкус за естетика и стандард во 1960-тите и 1970-тите години. Компанијата „Пежо“ започнува со производство на моделот на 10 мај 1960 година, како директен наследник на „пежо 403“, но значително подобрен и урамнотежен. По победата на овој модел на неколку релија во Африка, неколку години по ред „пежо 404“ добива статус на робусно но издржливо возило, што заедно со впечатливиот дизајн претставува брз успех на возилото – објаснуваат вљубениците на „пежо 404“ од Скопје.



2 views

Comments


bottom of page