Бекер: Необичен избор на Ѓоковиќ, ќе видиме…
Легендата на светскиот тенис, Борис Бекер не ја разбира одлуката на Новак Ѓоковиќ на игра АТП турнирот во Белград во пресрет на вториот грен слем во оваа календарска година Ролан Гарос.
Ѓоковиќ е апсолутен фаворит за пехарот на турнирот на домашно тло, но Бекер не знае како истиот би можел да му помогне за подобро да се подготви за големиот предизвик во Париз.
-Оваа година Новак го смени распоредот на турнирите. Оној во Белград го организира неговиот брат. Веројатно станува збор за некаква семејна поддршка, само така можам да разберам зошто игра таму. Сепак, тоа е невообичаено бидејќи најдобрите играчи веќе се во Париз една недела пред почетокот на Ролан Гарос. Дали овој начин на подготовки е добар ќе видиме по првото коло, -рече Бекер кој проговори и за шансите на Рафаел Надал одново да биде на врвот на РГ.
-Обично би зборувале за тоа како Рафа освои три од четирите турнири на земјени терени, но тоа не се случи оваа година. Надал победи на помал турнир во Барселона, а потоа славеше во Рим. Стефанос Циципас стана шампион на Монте Карло, додека Саша Зверев славеше во Мадрид. Јасно е дека другите играчи го стигнуваат. Исто така Рафа има 35 години и нема физички понапорен турнир од Ролан Гарос. Можеби е знак оти се заморува побрзо од порано. Можете да видите по резултатите дека не му беше лесно во Рим или Барселона, -вели славниот Германец кој во минатото му беше тренер на Новак Ѓоковиќ.
Comments