Барселона прва со европска титула во двете конкуренции
ФУДБАЛ, ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ЖЕНИ
Барселона е новиот првак на Европа откако во финалето на женската Лига на шампионите (ЛШ) во фудбал, во Гетеборг, Шведска, убедливо го совлада Челси со 4-0, со головите постигнати од 1-та до 36-та минута. Барселона стана осмиот различен клуб победник во ЛШ, во 20-то финале, и првиот што ја освоил титулата во машка и во женска конкуренција, со најубедливата победа досега. Во првото финале во 2019-та, Барселона загуби од Лион (1-4). Триумфот во финалето и освојувањето на првата титула во клупската историја е потврда на доминацијата на Барселона, која сезонава победи на сите 26 натпревари во шпанската лига, притоа постигнувајќи 128 гола! – Немам зборови, не знам како се чувствувам, но знам дека сум многу горда на овој тим затоа што го заслуживме успехот. Работевме многу напорно по финалето во Будимпешта пред две години, си поставивме цел, да се избориме второ финале и да победиме. Тоа и го сторивме – изјави Аитана Бонмати, која постигна еден гол и беше прогласена за најдобар играч на натпреварот. Откако Купот на европските шампионки (КЕШ) се ребрендира во Лига на шампионките (ЛШ) во 2009/2010 година, доминираше францускиот Лион, кој настапи во девет од 11-те финалиња, притоа освојувајќи седум титули.
תגובות