top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Баерн и Тигрес испишуваат клупска историја

11.02.2021 februari cetvrtok

ФУДБАЛ, ФИНАЛЕ НА КЛУПСКОТО СП ВО КАТАР

Европскиот фудбалски шампион Баерн вечерва во финалето на клупското Светско првенство (СП) во Катар, се среќава со шампионот на Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ), мексиканскиот Тигрес.

Баерн посакува редок успех, да ја освои втората титула светски првак (првата во 2013-та), вкупно шеста титула во рок од 12 месеци и да стане вториот клуб по Барселона, на која тоа ѝ успеа во 2009 година кога ги освои сите шест домашни и меѓународни трофеи во една сезона, Лигата на шампионите (ЛШ), Суперкупот на УЕФА, Суперкупот на Германија, Бундес-лигата и Купот на Германија.

Капитенот на Баерн, Мануел Ноер, јасно го стави тоа до знаење со зборовите „тука дојдовме да влеземе во историјата“, а слично размислува и тренерот на Баварците, Ханси Флик.

– Дојдовме за да ја освоиме титулата. Тоа ќе биде шлаг на тортата, нешто посебно во и онака успешната клупска историја на Баерн. Но ќе биде тешко, Тигрес е силен, динамичен тим, физички моќен и мораме да бидеме внимателни – изјави Флик.

Во полуфиналето во понеделникот, Баерн го елиминира африканскиот шампион Ал Ахли од Египет (2-0), со двата гола на Роберт Левандовски.

На патот на големиот успех на Баерн е испречен мексиканскиот Тигрес, кој во полуфиналето го победи бразилскиот гигант Палмеирас со 1-0. Претходно во првиот меч Тигрес беше подобар од јужнокорејскиот Услан со 2-1. Трите гола за мексиканскиот тим ги даде ветеранот, францускиот напаѓач Андре-Пјер Жињак (35).

Тигрес, како и Баерн, се надева и верува дека ќе создаде своја историја.

– Ниеден мексикански тим не стигнал толку далеку, но ние сакаме уште повеќе. Дојдовме тука со надеж дека ќе го подигнеме пехарот и сега кога сме блиску, охрабрени сме и мотивирани за да ја постигнеме нашата цел – изјави напаѓачот на Тигрес, Карлос Гонзалес.

Најдобриот стрелец на Баерн, Левандовски, продолжува да ги соборува рекордите. Сезонава тој постигна 29 гола на 27 натпревари за Баерн, но сака повеќе.

– Се надевам дека ќе одиграме уште подобар натпревар во финалето, подготвени сме за тоа – изјави тој по мечот против Ал Ахли.

Баерн е без играчите од средниот ред, Леон Горецка и Хави Мартинез, кои се во карантин во Минхен по позитивниот тест на ковид-19.


1 view

Comments


bottom of page