Аталанта го пречекува Реал, Борусија М. игра со Манчестер сити
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Со вечерашните дуели, Аталанта – Реал Мадрид и Борусија Менхенгладбах – Манчестер сити, ќе се комплетираат првите натпревари од осминафинална рунда во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Аталанта во вториот настап во нокаут-фазата во ЛШ покажа дека не е „чудо за една сезона“. Аталанта забележа три победи, сите на гостувањата, во групата Д, над Митјиланд со 4-0, Ливерпул со 2-0 и над Ајакс со 1-0. Дома двапати ремизира, со Ајакс 2-2 и со Митјиланд 1-1, а загуби од Ливерпул со 0-5. Тимот предводен од тренерот Џанпјеро Гасперини игра брзо и негува напаѓачки фудбал. Во ланското осминафинале Аталанта ја победи Валенсија со вкупен резултат 8-4 (4-1 дома и 4-3 на гости). Реал Мадрид во претходните две сезони беше елиминиран во оваа нокаут-фаза. Лани од Манчестер сити, со двапати по 1-2, а во сезоната 2018/2019 од Ајакс, 2-1 и 1-4, откако во претходните осум сезони ја минуваше оваа пречка. Борусија М., која првпат во клупската историја игра во нокаут-фаза во ЛШ, во Бундес-лигата сега е осма на табелата. Во ЛШ Борусија постигнуваше еден гол и повеќе на претходните девет меча. Манчестер сити во групната фаза прими само еден гол. Сити е во голема форма, во неделата ја забележа 18-та победа во низа во сите натпреварувања.
Comments