top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Археолозите ја решаваат мистеријата на египетските украси за глава

Древната египетска уметност изобилува со претстави на мажи и на жени што на главите носат невообичаен украс во облик на куп. Овие слики се наоѓаат насекаде – од папирусни свитоци до ковчези – и најчесто прикажуваат кралски забави или религиски ритуали. Жени со куп на главата најчесто се прикажани во моментот на донесување дете на свет, што е една од активностите поврзана со одредени божества. Иако куповите на глава биле вообичаена работа во египетската уметност повеќе од еден век, нивната цел и значење за нас беа мистерија. Археолозите никогаш не го пронајдоа овој енигматски објект во гробниците, што некои стручни лица ги наведе на помислата дека во прашање е само симболички приказ, нешто како ореолот што го имаат светците и ангелите во христијанската иконографија. Меѓутоа, меѓународен тим археолози, како што пишува „Национална географија“, сепак пронајдоа први физички докази од овој необичен украс за коса, според студијата што во 2019 година беше објавена во списанието „Антиквити“. Откритието потекнува од гробниците во Амарна, каде што стручните лица од универзитетот „Кембриџ“ го реализираат „Амарна проектот“ под покровителство на друштвото „Национална географија“. Амарна е древен египетски град, чии храмови ги подигнал Ехнатон – фараонот за кој се верува дека му бил татко на Тутанкамон.

Амарна е изградена во 14 век пред новата ера и била значајна околу 15 години. Во овој град живееле околу 30 илјада луѓе, но само околу 10 проценти припаѓале на богатата елита зад која останале раскошните гробници. Остатокот од населението бил обичен народ, од пониски општествени слоеви, погребан во многу поскромни гробници. Токму во овие гробници, кои обично не содржат скапоцености, археолозите пронашле остатоци од купчести украси за глава во 2009 година. Археологот Ана Стивенс и понатаму се сеќава на моментот кога пред една деценија го пронашла првиот куп во една од обичните гробници. – Беше многу, многу различно, ни приближно како она што дотогаш сме го виделе во гробниците – се потсетува Стивенс. Купчестиот предмет над женскиот череп впечатливо потсетувал на необичната декорација за глава што дотогаш била видена само на египетските уметнички дела. Купчестиот украс е пронајден во уште една гробница на возрасно лице со неутврден пол. Една од популарните теории за намената на овој необичен предмет сметала дека куповите биле исполнети со парфимирана маст, која се топела на главата и имала улога на древен, мирислив гел за коса. Сепак, откритијата од Амарна ја урнаа теоријата за производство на стилизирана коса. Куповите не биле со ништо пополнети, туку во прашање биле празни школки обмотани со црно-браон органски материјал, најверојатно ткаенина. Двата купа имале хемиски траги од восок и според тоа тимот заклучил дека биле направени од пчелин восок – единствениот природен восок за кој се знае дека е користен во Древниот Египет. Сепак, трагите од восок не се пронајдени во косата на најдобро зачуваниот скелет. Имајќи ги предвид уметничките асоцијации меѓу овој објект и раѓањето на детето, како и фактот дека артефактот бил пронајден во барем една гробница на возрасна жена, археолозите веруваат дека куповите на некој начин биле поврзувани со плодноста. Сепак, тешко е да се сфати нивното значење поради фактот дека се пронајдени во гробниците на обичните луѓе.

– Во египетската иконографија, купчестите украси на глава најчесто ги носеле припадниците на елитните кругови од општеството, иако може да се видат и на главите на некои слуги – објаснува Никола Харингтон од Универзитетот во Сиднеј. Големиот број уметнички дела од гробниците во Амарна прикажуваат лица, кои носат купови додека се подготвуваат за погреб или за принесување жртви. – Во основа, куповите се носени во религиски пригоди – додава Харингтон. Исто така, Харингтон има своја теорија за идентитетот на жените чии глави ги краселе купчестите украси – можно е во прашање да се танчарки. Двата скелета имале фрактура на ’рбетот, додека на едниот се воочени и придружни дегенеративни болести. Иако проблемите со коските можат да се припишат на стресниот живот и на тешката физичка работа на ниските слоеви на египетското општество, Харингтон истакнува дека скршениците поради премор и компресивните фрактури се чести кај професионалните танчари. – Можеби куповите ги обележувале танчарите како членови на заедниците што им служеле на боговите. Тоа би можело да објасни зошто, и покрај целиот скромен погреб, сепак се погребани со куповите на глава – заклучува Харингтон. Сепак, и без поопширни археолошки докази не постои начин да дознаеме како куповите всушност се користеле и дали нивната употреба била широко распространета. – За жал, можеби никогаш нема ни да откриеме. Во раните денови на египтологијата, работите биле забрзани и помалку неорганизирани. Денес се користат софистицирани археолошки техники што, се надеваме, ќе ги идентификуваат и ќе ги заштитат купчестите украси во иднина. Постои можност нивното присуство во претходно откриените гробници да било целосно потценето – вели Стивенс. Сепак иако овие два купа се единствените што опстанале до денес, случајното откритие и понатаму има вредност. Археолозите имаат доста сознанија за елитните членови на општеството на Древниот Египет благодарејќи на административните записи и на богато насликаните гробници. Но поради ретките пишани и уметнички артефакти за нижите слоеви на општеството, нивните животи се многу помистериозни за современите истражувачи. Недостигот од информации за поголемиот дел од населението на Древен Египет го прави ова откритие уште повредно и служи како потсетник на голем број, сѐ уште нераскажани приказни.


2 views

Comments


bottom of page