Андријана Јаневска им го пренесува знаењето на млади таленти
04.02.2021 februari cetvrtok
Познатата македонска пејачка и виолинистка, Андријана Јаневска, која исто така е и композиторка, има уште една обврска за која вели дека ѝ причинува големо задоволство и радост. Таа отвори свое музичко училиште, кое го доби нејзиното име и каде што во моментов музички се образоваат 18 талентирани деца. Во едукацијата на младите таленти ѝ помага Бобан Мирковски, кој предава пијано. Тој е многу наградуван музичар, дома и во странство, а посетувал и меѓународни семинари кај еминентни професори. – Јас сум пресреќна што и покрај целата измината тажна година ми се случи нешто убаво, а тоа е она што отсекогаш сум го сакала, да го пренесувам своето знаење на младите, да ги мотивирам и инспирирам. Работам заедно со Бобан Мирковски, врвен професор што предава во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а наедно е и професор по пијано на мојот син. Досега децата не пропуштиле час, сакаат да доаѓаат и тоа е она што ни покажува дека сме на вистинскиот пат. Доколку стивне пандемијата, планираме концерт на почетокот на јуни – вели таа. Во музичкото училиште, чие прво полугодие почна на 20 септември минатата година, а второто на 23 јануари годинава, во моментов може да се изучуваат инструментите: виолина, пијано и пеење. – Имаме две групи со по девет дечиња (заради оптимално растојание од два метра помеѓу нив), а часовите се одржуваат во сабота поради различните ангажмани на децата во текот на неделата. Во моментов можат да се запишат дечиња на возраст од шест години па нагоре, но поради големиот интерес, наскоро ќе оформиме и групи за дечиња од предучилишна возраст (од три до пет години). Јас предавам виолина и пеење (популарни жанрови), додека Бобан предава пијано. Инаку, имаме и група за возрасни пејачи, над 18 години што ги подготвувам за натпревари и настапи – објаснува Андријана.
На часовите по инструмент се изучува и солфеж со теорија на музика со што учениците добиваат комплетна музичка наобразба, додека на часовите по пеење освен што се учи вокална техника, се обрнува внимание и на техничкиот аспект, т.е. користење микрофон и снимање во студио. – Децата се мотивираат и самите да творат, да компонираат и да истражуваат. Училиштето функционира само три-четири месеци, а веќе двајца наши ученици освоија прво и второ место на интернационалниот фестивал „Сите бои на уметноста“ во Италија – дополнува Јаневска. Протоколите за заштита од ковид-19 максимално се почитуваат, но сепак, за оние што не сакаат да посетуваат групна настава, постои опција и за индивидуална, како и за онлајн настава.
Comments