top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Америка веќе не е бајка, ама за музички бизнис сѐ уште е најдобра

24.02.2021 februari sreda

Јован Јованов, музичар, композитор и продуцент

Јован Јованов, кој на нашата естрадна сцена е познат и како Џеј Џеј, е еден од најнаградуваните и најплодни македонски композитори. Како 16-годишник, со својата група „Магија“ победи на „Макфест“, а нашите евровизиски претставници трипати нѐ претставувале со негова песна. Напишал над 500 мелодии, од кои сто се големи хитови, а веќе шест години живее во Торонто, Канада, каде што има и свое студио. Вели дека е на пат да го оствари својот американски сон.

Што беше клучно да заминете од Македонија, дали таа стана претесна за вашиот талент? – Новите предизвици го прават животот поинтересен и подинамичен. Не сакам секојдневие и монотонија. Желбата за повеќе и можностите за успех, знаење и креативност беа пресудни да направам таков потег. Со години чувствував дека ќе си здосадам ако продолжам да работам само во Македонија. Живеев една година во Холивуд и се усовршував за инженер за звук. Таму запознав многу луѓе од музичката индустрија. Во меѓувреме добив иселеничка виза за Канада, каде што имам свое музичко студио. Последниве години имам добиено неколку награди, на „УСА сонграјт компетишн“ добив награда за песната „Say You Love Me“, на „Американ голден пикчр“ беше наградена мојата песна „Not afraid to Fall“. Во 2020 година тинејџерскиот бенд „Грл пауер“ беше номиниран за најдобар албум на најголемата канадска музичка манифестација „Јуно авардс“, а јас работев со нив на целиот албум, како композитор и аранжер. На почетокот на оваа година ја добив првата номинација како музички продуцент на манифестацијата „Холивуд мјузик енд медиа авард“, за песната „Your Love“… Полека но сигурно се отвораат вратите.

Со музика почнавте да се занимавате како тинејџер, а првите успеси ги постигнавте со групата „Магија“. Има ли шанси повторно да се обедините? – Поминаа 20 години од тоа време. Се слушам одвреме-навреме со некој од членовите, но тешко е засега да се случи наше обединување. Фокусиран сум на други цели и засега не би сакал да отстапувам од патот по кој сум тргнал.

Напишавте над 500 песни, од кои 100 се големи хитови, соработувавте со познати имиња, на некои им направивте кариера. Дали сте горд на сето тоа? – Среќен сум што сум напишал многу песни, но ме прави посреќен што многу генерации пораснаа со тие хитови, што сѐ уште ги потсетуваат на некое убаво време. На социјалните мрежи сѐ уште луѓе што не ги знам лично ќе ми пратат видеоснимка како пеат некоја песна или ќе ми пишат како некоја песна ги потсетува на некое време и дека ја слушаат и по толку години.

Како автор трипати бевте на „Евровизија“, со Тоше Проески, со „Некстајм“ и со Влатко Илиевски. Какво беше ова искуство? – Авторите генерално се емотивци и секој пораз го доживуваат лично, со тешко срце. Јас со годините научив да го менаџирам тоа. Емоциите ги давам кога ја креирам песната, а потоа сѐ е само бизнис. Јас бев најмладиот автор од кај нас што тогаш ја претставуваше Македонија на „Евровизија“, а претходно на 16 години победив на „Макфест“. Освоив и награди на манифестациите „Златна бубамара“, „12 величествени“ и други. Сето тоа што го доживеав како млад, вклучувајќи ја и групата „Магија“, придонесе да знам се справам со притисоците, шпекулациите и другите празни муабети. Секогаш бев фокусиран да ја завршам мојата работа како што треба. А „Евровизија“ никогаш не може да е погубна за авторски тим. Може само да донесе искуство, познанства, можности и успех што ќе дојде во иднина. Без разлика на пласманот, понекогаш кога губиш, всушност добиваш.

Но имавте и „сопки“ во кариерата, дали тие ја забрзаа вашата одлука да си заминете? – Моите успеси придонесоа да барам нови предизвици. Долго време чувствував монотонија во тоа што го работам. Таа е естрадата, тие се фестивалите, тие се достигнувањата и озборувањата. Фактот дека многу песни останаа хитови кај публиката ме прави среќен. А оние што беа убедени дека моите успеси не се поради моите хитови и талентот направија да се чувствувам помоќно.

Во Скопје, во вашето семејно студио, сега работи вашиот помлад брат Иван. Дали соработувате на некои проекти? – Иван последните пет години работи доста активно на македонската сцена. Тој придонесе за создавање нов бран музички артисти што постигнуваат голем успех во Македонија и низ целиот Балкан. Постојано сме во комуникација и соработуваме.

Колку пандемијата ви ги смени плановите? – Имаше доста промени. Воопшто не ми се допаѓа начинот на живот што го живееме. Лани оваа време бев цел месец во Холивуд, имав преговори да почнам со интензивна работа таму. Планот беше од крајот на март да се преселам, но во март се вратив во Торонто, откако се затворија границите поради пандемијата, и сѐ уште сум тука.

Која би била вашата следна дестинација, каде посакувате да живеете и да работите? – Отсекогаш сакав да живеам во Лос Анџелес. Би сакал да се преселам таму, некаде во делот на Холивуд, Беверли Хилс. Само таму се гледам за неколку години, на ниедно друго место во светот. Америка не е тоа што беше, далеку е од бајка, ама за музички бизнис сѐ уште е најдобра. Периодов работам на доста песни, имам многу планови и се надевам дека еден ден ќе живеам како што сум замислил.



1 view

Comments


bottom of page