АЛПСКО СКИЈАЊЕФојц конечно го освои Кицбил
25.01.2021 januari ponedelnik
Упорноста и трпеливоста се исплатија за ветеранот Беат Фојц откако победи на спустот во Светскиот куп (СК), на легендарната патека во Кицбил (Австрија). Откако четири пати заврши во второто место во кариерата, Швајцарецот конечно може да го запише своето име во книгите како победник во Кицбил, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Таа трка беше замена за откажаниот спуст што требаше да се одржи минатиот викенд во Венген (Швајцарија), а саботната трка на патеката во Кицбил беше откажана поради лошо време. Вчера на програмата беше супервелеслалом. Пред таа трка во СК во водство беше Алексис Пинтуро од Франција со 778 бода, пред Александер-Омот Килде од Норвешка со 560, Марко Одермат од Швајцарија со 501 итн. Во спуст, пак, води Матијас Маер од Австрија со 238 бода, пред Фојц со 226, Килде со 190 итн.
Гоџа продолжи со доминацијата во спуст
Италијанката Софија Гоџа продолжи со доминацијата во спуст сезонава, со четвртата победа во низа во оваа дисциплина во Светскиот куп (СК) во алпско скијање за жени, остварена во Кран Монтана (Швајцарија), во саботата. Таа победи на истата патека и во петокот, а сезонава досега има четири победи и едно второ место. – Ментално, влегов денес како победата еден ден претходно да беше само тренинг. Тоа ми помогна да влезам во трката свежа и без никакви очекувања – рече Гоџа, која со двете победи викендов сега се наоѓа на третото место во генералниот пласман во СК (води Петра Влхова од Словачка со 861, пред Мишел Гисин од Швајцарија со 741, Гоџа со 654 бода итн.) и во водство во поредок во спуст (таа има 480 бода, пред Бризи Џонсон од САД со 285, Корин Сутер од Швајцарија со 270 итн.). Гоџа се израмни со Американката Линдзи Вон, која од јануари до март 2018 година победи на четири спуста во низа, во сезоната во која Гоџа го освои малиот кристален глобус во спуст во 2018 година. Гоџа го освои и златниот медал во спуст на Зимските олимписки игри во 2018 година. Вчера во Кран Монтана требаше да се вози супервелеслалом, а до почетокот на Светското првенство (од 8 февруари во Кортина д’Ампецо во Италија) во СК за жени на програмата се и велеслаломот утре во Кронплац (Италија) и уште по еден супервелеслалом и спуст во Гармиш Партенкирхен (Германија) викендов.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ Нов тимски триумф на Норвешка
Екипата на Норвешка, во состав Мариус Линдвик, Даниел Андре Танде, Роберт Јохансон и со Халвор Егнер Гранеруд, победи во тимскиот натпревар во Лахти (Финска) во скијачки скокови во Светскиот куп (СК), пред Полска (Пјотр Жила, Анджеј Стекала, Камил Стох и Давид Кубацки) и Германија (Пиус Пашке, Мартин Хаман, Маркус Ајзенбихлер, Карл Гајгер). Откако поради силниот ветер беа откажани тренингот и квалификациите во петокот, условите на ски-стадионот во Лахти беа многу помирни на денот на натпреварот. За деветте репрезентации тоа беше возбудливо натпреварување, а Норвешка ја забележа 27-та победа во екипна конкуренција во СК. На скоковите во Лахти зад водечките се пласираа Австрија, Јапонија, Словенија, Швајцарија, Финска и САД. Во пласманот за тимови за сезонава по три натпревари води Норвешка со 3.274 бода, пред Полска со 3.190, Германија со 2.573 итн. Сезонава има уште три тимски натпревари, на скокалницата во Осло, како и на леталниците Викерсоунд и Планица, сите во март.
Comments