Албумот „My Last Song“ ѝ го посветуваме на ромската кралица
Цеде со последните снимени песни на Есма Реџепова
Последните пет песни што ги сними легендата на ромската песна Есма Реџепова се овековечени на албумот „My Last Song“, кој деновиве го издаде големата дискографска куќа од Лондон, „АРЦ мјузик“. Цедето содржи и пет песни во изведба на браќата Филип и Раде Нуневски, во музичкиот свет познати како браќата Нуне. Тие, како што велат, на овој начин сакаат да ѝ оддадат почит на ромската кралица. Есма беше позната по тоа што целиот живот им даваше поддршка на младите таленти, па Филип Нуневски, кој свири на труба, и Раде Нуневски, на саксофон и кларинет, беа дел од ансамблот на Симеон Атанасов на концертните турнеи на Есма во 2015 и 2016 година. – Ни беше чест да бидеме на иста сцена со Есма Реџепова, а нашите спомени од времето кога го обиколувавме светот со неа ќе бидат дел од нас засекогаш – велат браќата Нуневски. Симеон Атанасов, синот на Есма и наследник на нејзините авторски права, е проект-менаџер на овој музички документ. – Ми причинува големо задоволство што бев проект-менаџер на ова издание. Браќата Филип и Раде Нуневски, заедно со нивниот бенд, направија вистинско ремек-дело, за кое ќе се зборува уште долго. Среќа е што го имавме снимено гласот на Есма, па, така, браќата Нуне заедно со нивниот бенд одлучија да ги направат сите аранжмани. На ова издание има и пет нивни авторски дела, а тоа е добро за нивна афирмација надвор од Македонија. Впрочем, тоа ни е и целта, веднаш штом ќе помине оваа пандемија, кога ќе заживеат светските фестивали, да организираме настапи за промовирање на ова цеде – најави Атанасов.
Иако радосен поради финализирањето на овој голем проект, тој е разочаран што странците посветуваат многу повеќе внимание на ликот и делото на Есма и на Стево Теодосиевски, а доказ за тоа е и веќе одобрениот проект во Белгија за отворање спомен-соба каде што ќе можат сите да видат дел од работното творештво на Есма и Стево Теодосиевски. – Во овој проект, кој ќе биде претставен во октомври во Брисел, директно е вклучена Елеонора Мустафовска, единствената посвоена ќерка на Есма, заедно со нејзиниот сопруг Оливиер Бони, кој даде несебична поддршка да се исполни мојата идеја и да се направи оваа спомен-соба. Моја должност е да ги чувам ликот и делото на моите ментори, а со ова цеде издание заедно со браќата Нуне тоа и го докажавме – вели Симеон Атанасов. Браќата Нуневски се особено горди на овој албум, на кој му посветија цели пет години работа. Тие потекнуваат од музичко семејство, а своето образование го стекнаа на Музичката академија во Скопје. – Конечно, нашиот втор албум, „My Last Song“, од 23 април е во продажба. Ѝ го посветуваме на Есма Реџепова и на нејзиното дело. Имаме чест албумот да биде издаден од реномирана музичка куќа „АРЦ мјузик“ од Лондон и пресреќни сме што го доживеавме овој ден по долгата и напорна работа, заедно со целиот тим.
Неуморното петгодишно вложување на секој член од бендот, секоја песна да звучи подобро и поубаво, се исплатеше. Албумот е составен од десет композиции, од кои пет ги отпеа Есма, всушност тоа се последните нејзини снимки. Поголемиот дел од албумот беше снимен во нашето музичко студио во Скопје, а продуцент на албумот е Горан Гешовски, кој свири и на бас-гитара. Дел од бендот беа: Дејвид Демир, ритам-гитара, Сашо Стојановски, ударни инструменти, Тодор Ушитков, клавијатури, Виктор Филиповски, ударни инструменти, а ни гостуваше и Таир Алус на виолина. Придружни вокали беа Ана Костадиновска и Сара Пројковска. Автори на текстовите се Огнен Неделковски, Борче Нечовски и Симеон Атанасов – велат браќата Нуневски. На албумот се и песните: „Workaholic“, „Свирете ја“, „Љубовта може сѐ“… За песната на српски јазик „Латино у моди“, преработка на големиот хит на Есма „А бре како“, е снимен и видеозапис во режија на Дарио Јанковиќ. Албумот му припаѓа на жанрот ворлд мјузик, а во песните може да се слушнат звуци на џез, реге, свинг, салса, самба и фолк и ромска музика од регионот.
Comments