Австрија сѐ уште е без победа на ЕП
15.02.20201 februari ponedelnik
ФУДБАЛ – УЕФА ГИ ПРЕТСТАВУВА УЧЕСНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ГОДИНАВА
На околу четири месеци до почетокот на Европското првенство (ЕП) Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ги претставува репрезентациите учеснички. Меѓу нив се и Холандија, Украина и Австрија, трите ривали на македонската селекција во групата Ц, на континенталното првенство што треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули. По Холандија и Украина, УЕФА ја и преставува Австрија, кодомаќинот (со Швајцарија) на 2008 година, која нема позабележителни постигнувања на минатите два шампионата на кои настапи, во 2008 и во 2016 година. Австријците не ја минаа групната фаза и сѐ уште ја чекаат првата победа на ЕП. Двете кампањи беа разочарувачки со четири порази и две ремија (гол-разлика 2- 7), но сега тимот предводен од селекторот Франко Фода верува дека ќе ја прекине таа неуспешна серија и ќе ја прокнижи првата победа.
Австрија и Македонија треба да играат на 13 јуни во Букурешт. Клучен играч во селекцијата на Австрија е Давид Алаба (76 настапи, 14 погодоци), кој кај Фода има понапаѓачка улога отколку во Баерн. Тој многупати ја има покажано разновидноста во играта и неговото искуство е од огромно значење за Австрија. На Марко Арнаутовиќ (87 настапи, 26 гола) му се потребни уште два гола за да го достигне австрискиот рекорд на Тони Полстер од 15 гола во кампањите за ЕП (вклучувајќи ги и квалификациите). Стефан Лајнер (21 натпревар, еден гол) е десен бек, кој честопати е и во нападот. Тој игра во Борусија Менхенгладбах. Незаборавни голови од ЕП. Тоа е голот на Ивица Вастиќ од пенал против Полска во 90-та минута за ремито, 1-1, во јуни 2008 година. Тоа беше прв гол за Австрија и прв бод во завршница на ЕП. Со 38 години и 257 дена, тој останува најстариот стрелец на ЕП. По одличната квалификациска кампања за ЕП 2016 очекувањата беа големи, но Австрија на крајот не ги исполни и не се пласира во нокаут-фазата.
Незаборавен момент е поенот што го освои Австрија на ЕП 2016 кога одигра без голови со подоцнежниот шампион, Португалија. За голманот Роберт Алмер тоа беше еден од најдобрите натпревари во кариерата, на кој не му дозволи на Кристијано Роналдо да се запише во листата на стрелците. Најмногу настапи за Австрија на завршните турнири, пет, има Мартин Харник, а по четири, Кристијан Фукс и Себастијан Придл. По еден гол имаат дадено Алесандро Шаф и Ивица Вастиќ.
Дали сте знаеле
Австрија нема забележано победа на големо фудбалско натпреварување, ЕП или СП, повеќе од 30 години, од триумфот над САД со 2-1, на СП 1990 година во Италија. Австријците последен пат ја минаа групната фаза на СП 1982 во Шпанија.
Comments