Авион прелета половина свет со гориво од отпадно масло
„Ер Франс-КЛМ“ испрати авион на неговиот прв далечински лет со „одржливо авионско гориво“ – нафта помешана со синтетичко авионско гориво добиено од отпадно масло за пржење.
Компанијата соопшти дека преминот кон одржливо воздухопловно гориво (САФ) претставува поддршка кон создавање индустрија која гарантира еколошки воздушен транспорт.
Авионот леташе од Париз до Монтреал со мешавина на гориво што содржи 16 отсто одржливо гориво.
Индустриите ширум светот експериментираат со алтернативни горива бидејќи властите ги заоструваат правилата за емисијата на загадување. Други авиокомпании и производители на авиони, исто така, експериментираат со употреба на различни количини на биогорива или различни видови на „одржливо гориво“.
„Ер Франс-КЛМ“ ја претстави својата иницијатива на парискиот аеродром Шарл де Гол. Присутни беа клучните лица од авијацијата, вклучително и извршниот директор на компанијата Бенџамин Смит, извршниот директор на Тотал, Патрик Пуен и претседателот на Ербас, Гијом Фори.
Стив Чонка, извршен директор на „Иницијативата за алтернативно авионско гориво“, го поздрави потегот бидејќи новото гориво е клучно за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Ендру Марфи од организацијата „Транспорт и животна средина“ во Брисел, рече дека „добро е што експериментираат“ сега кога светот излегува од пандемијата и патувањата се обновуваат.
„Ер Франс-КЛМ“ тврди дека во февруари го извршил првиот редовен лет со авион на синтетичко „одржливо гориво“, од Амстердам до Мадрид.
Comments