70 години постоење: Државниот архив е чувар на нашата колективна меморија
“Државниот архив е чувар на нашата колективна меморија и национални вредности, темел на нашиот идентитет и сведок на нашата историја, култура и традиција“, беше истакнато на вчерашното одбележување на 70 години од постоењето на оваа институција.
Настанот беше одбележан во Музејот на македонската борба со свечена академија на која присутните имаа можност да се запознаат со нови изданија во кои е прикажан историјатот на Архивот и документарното богатство што го поседува.
Промовирана е монографијата „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)” со најзначајни фотографии и документи со кои располага Архивот, како и зборникот „Првите луѓе на Државниот архив (1951-2021)”.
Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески во своето излагање истакна дека оваа институција во изминатите 70 години се градела како значајна државна институција и е трезор на оригинални документи, писма, фотографии, и други материјали од познати револуционери, илинденци, просветители и писатели, уметници, општествени дејци, како и документи од најзначајните политичко историски процеси, настани и личности за нашата земја.
“Во сите изминати години очигледен е постојаниот раст на Државниот архив кој добива свој европски лик со прифаќањето на европските начела и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот закон за архивска дејност, како и со спроведувањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и материјали, истакна Крстески.
Премиерот Зоран Заев, пак, потенцираше дека Државниот архив е историско научен храм, кој претставува своевиден мост меѓу минатото и иднината.
“Држaвниот архив е еден од столбовите на нашиот идентитет и наша афирмација на меѓународен план. Обврската кон идните поколенија за безусловно чување на историјата и нашето национално богатство паѓа на плеќите токму на Државниот архив“, рече Заев.
По завршувањето на официјалниот дел на настанот, гостите меѓу кои и претседателот Стево Пендаровски и г.г. Стефан, можеа да ја погледнат изложбата „Скопската градска општина”.
На 20 вработени или пензионирани лица за значаен придонес во работењето на Државниот архив денеска им беа доделени благодарници.
Comments