top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија – синергија во еден здив; кон отворањето на 64. „Охридско лето“

15.07.2024 juli Ponedelnik

Свеченото отворање на „Охридско лето 2024“, со извонредниот настап на Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија, на сцената на Античкиот театар во Охрид, уште еднаш ја зацврстија позицијата на нашиот најголем музичко-сценски фестивал како уникатен македонски подиум на кој во изминатите шеесет и три изданија се вкрстуваат врвни креации на уметници од целиот свет.

Следејќи ги гостувањата на Џулијан Рахлин на „Охридско лето“, во 1999, 2001, 2010, но и неговата блескава, интернационална кариера и годинава со нетрпение го пречекавме како вонсериски виолинист, кој нескротливиот музички порив го отелотворува не само како солист на виолина и виола, туку и низ камерно музицирање, како енергичен диригент и како идеен творец на одлични проекти во новите текови на класичната музика.

Несомнено, сета таа жестока креативна активност, базирана на врвна музичка едукација и постојано трагање по нови музички конекции на сите меридијани, го обликуваат уметничкиот лик на она што е Џулијан Рахлин денес.

За Свеченото отворање на „Охридско лето“, Рахлин и Македонската филхармонија се определија за две популарни и неброено пати изведувани композиции од епохата на музичкиот романтизам: Концертот за виолина и оркестар во е-мол оп. 64 од Феликс Менделсон и Увертирата – фантазија „Ромео и Јулија“ од Петар Илич Чајковски – низ музичката историја широко прифатени како ремек-дела во творештвата на авторите. Привилегија на илјадната публика во Античкиот театар беше овој навидум „веќе виден и слушнат“ програмски избор да го „дегустира“ како едно поинакво, инвентивно музичко патување. Веќе од првите тактови од Allegro molto appassionato и сугестивната прва тема, насетивме дека Џулијан Рахлин ни ги претставува познатите дела во свој автентичен и возбудлив стил, што не ги остава рамнодушни и најпребирливите слушатели.

Слушајќи ги неговите изведби токму на овој концерт од младешките години па сé до последнава на нашето „Охридско лето“, само беспрекорната виртуозност ја забележуваме како константа, а секоја интерпретација е различна од претходната и се движи по некој чудесен, еволутивен нагорен пат. Џулијан Рахлин е бестрашен уметник со брилијантен ум! Без разлика дали нé води низ романтичниот лиризам на Мендселсон или се нурнува во длабоките полифони фактури со најнепосредно извориште во величината на Бах, дали бистро ги свири рикошетните арпежи во каденцата од првиот став, „песните без зборови“ во бавниот став или пак прелетува преку енергичните бравури во радосното сонатно рондо, го доживуваме како мајстор на балансот меѓу класичното и модерното во сферата на виолинската интерпретација. Беше задоволство да се доживее уметник, видно инспириран од акустичниот потенцијал на Античкиот театар, како внесува час нагласени, час дискретни рубата во фразирањето и како со леснотија ги создава највисоките тонови со кристална јасност, доловувајќи нестварен звук и енергија. Со темпераментен трепет на телото и сугестивен поглед Рахлин создаде цврста синергија со оркестарскиот ансамбл во која можеше слободно да „танцува“ и да „пее“ на својот бесценет Страдивари, давајќи му автентична визура на и онака генијалниот концерт.

Во фантазијата „Ромео и Јулија“ од Чајковски пак, го видовме Џулијан Рахлин – незапирлив и уверлив диригент што ја интензивира својата уметничка иднина токму во таа насока.  Идејата за  „Ромео и Јулија“ на овој концерт ја постави во одмерено темпо со интенција да им овозможи на инструменталните секции певно и широко да ги донесат тематските слоеви вткаени во комплексната оркестрација. Џулијан Рахлин и македонските филхармоничари со силно мотивирано и страсно музицирање „ја насликаа“ тензичната војна меѓу вечните ривали – завојуваните семејства Монтеки и Капулети и над тоа љубовната приказна меѓу Ромео и Јулија, нè внесоа за миг во Шекспировиот драмски набој и покажаа дека музиката умее да емитува емоции и да проектира „слики“ како ниедна уметност.

На овој концерт Македонската филхармонија ја слушнавме во полн сјај. Тоа беше силен печат кон одбележувањето на нивниот 80-годишен јубилеј од постоењето, докажувајќи дека се како најзначаен ансамбл во сферата на оркестарското музицирање кај нас.

Со изведбата на салонскиот бисер „Љубовна радост“ од Фриц Крајслер уметниците ја почестија публиката со бис-интермецо меѓу двете програмски содржини како знак на силната поврзаност на шармантниот виолинист со виенскиот музички шмек.

Но, уште еднаш… Заради својата харизма, Џулијан Рахлин е миленик на публиката насекаде. Уметничкиот тим на фестивалот „Охридско лето“, овој пат ни овозможи привилегијата да биде наша, да го почувствувавме тоа богато, творечко искуство напластено во еден човек, бездруго недостижно за многу уметници и за сто животи.

Викица Костоска-Пенева – музиколог


4 views

Comments


bottom of page