top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ЏУДО – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ ВО ПОРТУГАЛИЈА Деветто место за Богдановска

ЏУДО – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ ВО ПОРТУГАЛИЈА

Македонската репрезентативка Ива Богдановска, членка на ЏК Миоки од Скопје, во категоријата до 57 кг го освои деветтото место на Европското првенство (ЕП) за кадети, кое се одржа во португалскиот град Одивелас. Богдановска, која дебитира на ваква квалитетна спортска манифестација, оствари две победи, против претставнички на БиХ и на Грузија, а двапати беше поразена, од џудистки на Полска и од Финска. Втората македонска претставничка Георгина Блажеска (до 44 кг), исто така членка на клубот Миоки, презентираше добри борби, прво против европската шампионка и репрезентативка на Шпанија, а потоа во репасажот и против конкурентката од Италија. – На ова ЕП учествуваа вкупно 404 натпреварувачи од 40 земји. Двете македонски репрезентативки Богдановска и Блажеска како дебитантки успешно и достојно ги претставија Македонија и македонското џудо во европски рамки. Имајќи предвид дека и во 2024 година двете репрезентативки остануваат во истата возрасна група, шансите за подобар резултат, па и освојување медал, се зголемуваат – ни изјави тренерот на Миоки, Игор Паскоски, кој ги предводеше репрезентативките на ова ЕП. Блажеска и Богдановска постигнаа голем успех со освојувањето на бронзените медали на Балканското првенство (БП) за кадети, кое во одлична организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) неодамна се одржа во Крушево, во мошне силна конкуренција на повеќе од 400 натпреварувачи од 10 земји. Г.И.


2 views

Comentarios


bottom of page