Џоди Фостер со „Златна палма“ на 74.Филмски фестивал во Кан
Вечерва беше отворен 74. Меѓународен филмски фестивал во Кан со што беше означено и големото враќање на светскиот филм, тешко погоден од епидемијата со ковидвирусот.
„Овде конечно сме повторно собрани во нашите прекрасни тоалети“, рече актерката Џоди Фостер, која прва зборуваше на сцената на канскиот фестивал на кој и беше доделена почесната Златна палма од Педро Алмодовар.
Потоа им се придружи и Бонг Џун-Џо, добитникот на Златната палма во 2019 година со филмот „Паразит“ и претседателот на жирито, Спајк Ли, за заедно да го отворат 74-то издание на филмскиот фестивал.
Оваа година 24 филма се натпреваруваат за Златната палма. Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Анет“ од Леос Каракс, кој се натпреварува за главната награда.
На списокот на филмови во трката за Златната палма се наоѓаат, меѓу другото, делата на Италијанецот Нани Морети, Американецот Шон Пен, Русинот Кирил Серебреников и Французинот Жак Одијард.
Во конкуренција се и „French Dispatch“ на американскиот режисер Вес Андерсон и „Бенедета“ на холандскиот режисер Пол Верховен.
Повеќе од 60 филмови ќе бидат прикажани за време на фестивалот, кој ќе трае до 17 јули.
Канскиот фестивал, кој обично се одржува секој мај, беше преместен во јули годинава поради епидемијата на коронавирус.
Comments