„Џифони филмски денови“ во пресрет на фестивалот за деца и млади
„Сега, на крајот на пандемијата, во годината кога го одржуваме десеттото издание на Филмскиот фестивал за деца и млади ‘Џифони Македонија’, имаме доволно многу причини да ги прошириме активностите во живо. Затоа во јубилејната десетта година ќе направиме 10 „Џифони филмски денови“, во десет седмици на кои ќе прикажуваме филмови со разни теми кои ги засегаат младите, ќе се дискутира со филмаџии и ќе се прават филмови на работилница“, изјави за весникот ВЕЧЕР, директорот на фестивалот „Џифони Македонија“, Дарко Башески
Во пресрет на 10. издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, во периодот од 9 април па сè до 11 јуни, секоја сабота од 10 часот, во Кинотеката ќе се одржува програмата „Џифони филмски денови“ (Giffoni Movie Days).
„Секоја година младите учесници на Филмскиот фестивал за млади ‘Џифони Македонија’ ни повторуваа дека тие шест дена не им се доволно во текот на целата година, а во изминатите две години во време на пандемија сите физички активности беа редуцирани или заменети со хибридни и онлајн варијанти. Сега, на крајот на пандемијата, во годината кога го одржуваме десеттото издание на фестивалот имаме доволно многу причини да ги прошириме активностите во живо. Затоа во јубилејната десетта година ќе направиме 10. Џифони филмски денови во десет седмици на кои ќе прикажуваме филмови со разни теми кои ги засегаат младите, ќе се дискутира со филмаџии и ќе се прават филмови на работилница“, изјави за весникот ВЕЧЕР, директорот на фестивалот „Џифони Македонија“, Дарко Башески.
Филмската програма е намената за учениците од скопските основни училишта и предвидува секоја сабота да се прикажува по еден европски игран филм.
На првиот ден од манифестацијата ќе биде прикажан филмот „Патешествието на принцот“ (Le voyage du Prince), кој успешно допира две важни теми: првата се однесува на предрасудите во општеството и стремежот да се пронајде место за креативност и слободна мисла, а втората тема се однесува на зачувувањето на животната средина. „Патешествието на принцот“ е француско-луксембуршки филм од 2019 година, во режија на Жан-Франсоа Лагиони и Ксавие Пикар.
Гостинка на средбата ќе биде Леона Јариќ, добитничка на наградата Green Competition во организација на Europe House. Таа ќе го претстави своето најново остварување и ќе разговара со младата публика за тоа како започналa да снима филмови, а ќе се осврне и на освоената награда – професионална камера.
Потоа на програмата ќе следува „Филмска училница“ – работилница која Кинотеката ја организира веќе трета година. Работилницата, која ќе се реализира под менторство на режисерката Марија Џиџева, ќе биде фокусирана на поттикнување на креативноста на младите кои сакаат да ја раскажат својата кратка приказна со аудиовизуелен јазик близок на новите генерации. Филмовите што ќе произлезат од работилницата ќе бидат прикажани за време на 10. издание на „Џифони Македонија“ и заедно со филмовите направени на фестивалот ќе се натпреваруваат за главната награда – професионална камера.
„Можеби најпривлечна е наградата, професионална камера, која ќе ја доделиме на најдобриот филм направен од учесниците на филмската училница, но за младите учесници ќе имаме и други награди. Сепак, традиционално најпосакуваната награда за младите е тоа што од најактивните џифонци ќе избереме претставници кои ќе нè претставуваат на филмскиот фестивал ‘Џифони’ во Италија, на кој во тек на 10 дена учествуваат нивни врсници од преку 50 земји“, додаде Башески.
Проектот „Џифони филмски денови“ (Giffoni Movie Days) е поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, од македонската Агенција за филм и од Кинотеката, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“. (Н.И.Т.)
Comentarios