Џејмс Франко ќе го глуми Фидел Кастро
Џејмс Франко сепак се враќа на големото платно, макар тоа било на мала врата, бидејќи тоа не е холивудска продукција, но ќе го глуми ни помалку ни повеќе туку Фидел Кастро, пишува „Вераети“. Станува збор за улога во новиот филм од независна продукција наречен „Алина од Куба“, а во кој тој ѝ се придружува на Ана Вилафање. Таа ја портретира Алина Фернандез, ќерката на Кастро, а Миа Маестро ја игра мајката на Алина, Наталија Ревуелта, жена од висока класа што родила ќерка откако имала афера со Кастро. Целиот филм ќе го следи животот на Алина како вонбрачна ќерка на Кастро и нејзиното патување од времето кога била критичарка на неговата влада во Куба, до моментот кога таа ја напуштила за да замине во Шпанија, во 1993 година. Изборот на Франко како Фидел Кастро го поддржа вистинската Алина Фернандез, која соработува со авторите на филмот.
Ова не е прва најава дека Франко му се враќа на актерството, бидејќи претходно си обезбеди улога во филмот „Јас, ти“ на Били Август. Двата филма претставуваат нова шанса за актерот, кој во 2019 година беше обвинет за сексуална експлоатација на девојки што оделе на неговите часови по глума. Спорот заврши минатата година, а Франко оттогаш не се појавува во ниту еден филм. Филмот „Алина од Куба“ ќе го режира Мигел Бардем, според сценариото на Хозе Ривера и Нило Круз. Снимањето треба да започне на средината на август во Колумбија, а планираниот датум за завршување засега не е познат.
Comments