Џеко: Постигнавме одличен резултат, но сѐ уште не е готово
На стадионот „Сан Сиро“ во Милано, со головите на Един Џеко во осмата и на Хенрих Мхитарјан во 11-та минута, Интер неочекувано лесно го совлада со 2-0 градскиот ривал Милан, во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите (ЛШ).
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, по натпреварот изјави дека неговиот тим има уште многу работа ако сака да игра во финалето на ЛШ.
– Презадоволен сум, бевме извонредни во првите 45 минути, а можевме да постигнеме повеќе од два гола. Момците го покриваа секој дел од теренот, си помагаа, а ќе го сторат истото тоа и на вториот дуел. Сепак, свесни сме дека ова е само прв натпревар. Во реваншот на овој ист стадион ќе ги имаме нашите навивачи зад нас, но свесни сме дека нѐ чека уште еден напор за да го оствариме нашиот сон – задоволно истакна Инзаги.
Со 37 години и 54 дена, босанскиот интернационалец Џеко стана вториот најстар стрелец во полуфиналето на ЛШ, по Рајан Гигс во 2011 година на мечот против со Шалке (37 години и 148 дена), а патем беше и стрелец на сите три полуфинални натпревари во ЛШ што ги одиграл. За Џеко овој гол беше 20-ти во ЛШ откако наполни 30 години. Тоа претходно им успеало само на најголемите напаѓачи на сите времиња, Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Златан Ибрахимовиќ, Карим Бензема, Роберт Левандовски и Дидие Дрогба. Тој е свесен дека Интер постигна одличен резултат, но и тоа дека конечниот победник уште не е познат.
– Чувството е многу добро, особено затоа што ова беше и дерби-меч, на кој постигнавме одличен резултат. Понекогаш влегувате во тешка ситуација кога топката не сака да влезе во мрежата, но трпението и напорната работа секогаш се исплатат. Бев мирен, знаејќи дека головите ќе дојдат. Нема да се занесуваме, оти сме искусна екипа, знаеме што направивме, постигнавме одличен резултат, но сѐ уште не е готово. Во финалето на ЛШ стигнуваат само големи екипи, а во реваншот мораме да бидеме внимателни и сконцентрирани – рече Џеко.
Реваншот се игра следниот вторник, повторно на „Сан Сиро“, кога Интер ќе биде домаќин, а тренерот на Милан, Стефано Пиоли, очигледно треба да поправи многу работи во играта на своите играчи, ако сака целосен пресврт и пласман во финалето на ЛШ. Г.И.
댓글