Џеки Чен го носи олимпискиот факел на врвот на Кинескиот ѕид
Штафетата на олимпискиот факел, денес, 3 февруари, го почна својот втор ден на врвот на Кинескиот ѕид, а меѓу оние што се менуваа носејќи го факелот на рутата, скратена за три дена поради Ковид-19, беа и хонгкошкиот актер Џеки Чен и низа кинески носители на олимписки медали. Според некои медиуми, штафетата за факелот што ќе ги отвори Зимските игри од 4 до 20 февруари е многу поскромна од штафетата што се носеше во светот за Летните игри во Пекинг во 2008 година, турнеја што беше нарушена од протести. Џеки Чен (67), акциона филмска ѕвезда од Хонг Конг, познат по својата поддршка на владата во Пекинг, беше идентификуван во официјалното соопштение за печат со неговото кинеско име Чен Гангшенг. „Се разбудив во 4 часот наутро. Ова ми е четврта Олимпијада. Многу сум среќен. А исто така многу ми е и ладно!“, им изјави Чен на новинарите по неговото трчање по Кинескиот ѕид.
Comments