Џеки Хант-Броерсма истрча 104 маратони за 104 дена
Џеки Хант-Броерсма (42), жената што почнала да трча откако ја загубила левата нога, влезе во Гинисовата книга на рекорди за најмногу истрчани последователни маратони. Таа трчала маратони (42,2 км) секој ден, 104 за 104 дена, од средината на јануари до крајот на април, во траење од по околу пет часа.
– Дел од мене беше навистина среќен што го завршив тоа, но другиот дел постојано мислеше дека треба да трчам – изјави таа за „Би-би-си“ по истрчаниот 104-ти маратон.
Хант-Броерсма вели е благодарна затоа што трчањето ѝ ја вратило самодовербата. Во 2002-та, на 26 години, лекарите во Холандија ѝ дијагностицирале редок вид рак на коските. За две недели ѝ ја ампутирале левата нога за да ѝ го спасат животот. Во наредните години се борела со промените во животот. Случајно, по малку од каприц, во 2016 година почнала да трча. Претходно го бодрела сопругот при трчањето на долги патеки, но никогаш не размислувала самата да го стори тоа. Купувајќи специјална протетика за тркачи на долги патеки, таа се пријавила за првата трка на 10 км. Но, пред трката, регистрацијата ја префрлила за категоријата полумаратон. Оттогаш не застанала, трчајќи на подолги растојанија и на различни терени.
– Јас сум човек за сѐ или ништо и се внесов целосно во тоа. Сакам да ги поместувам границите и да видам колку далеку можам да стигнам – вели таа.
Во почетокот на годинава Џеки си задала нова цел, да истрча рекордни последователни маратони. Гинисовиот рекорд за жени бил 95 трки, поставен пред две години од Алиса Кларк, тркачка без ампутација, од Вермонт, која тоа го направила како начин за справување со пандемијата на ковид-19. Машкиот Гинисов рекорд го држи Енцо Капорасо од Италија, со 59 маратони, иако шпанскиот ултратркач Рикардо Абад до 2012 година наводно истрчал 607 последователни маратони, пишува „Би-би-си“.
Хант-Броерсма, мајка на две деца, која работи како тренерка за физичка подготовка и издржливост, почнала да трча имајќи го на ум рекордот, внимавајќи секогаш делницата на која трча да изнесува барем колку и маратонската.
Таа трчала на официјални маратони (во Бостон, на пример), но морала да трча и по локални земјени патеки, па дури и по сопствена лента за трчање дома, во Аризона. Откако британската тркачка Кејт Џејден го собори рекордот на Кларк на 12 април, истрчувајќи 101 маратон, Хант-Броерсма продолжила да трча за „да го заокружи месецот април“. Документирајќи ги трчањата на социјалните мрежи, таа собрала 88.000 долари за непрофитната организација што обезбедува помагала за трчање за лицата со ампутирани екстремитети.
– Трчањето направи голема разлика во мојата ментална состојба и ми покажа колку силно може да биде моето тело – вели таа.
Comments