„Џабе живиш у Скопје“ – нова книга на Зоран Спасов Ѕоф
„Џабе живиш у Скопје“ е насловот на најновата книга на авторот Зоран Спасов Ѕоф која беше промовирана вчера во скопскиот локал „Интермецо мјузик бар“. Книгата, како и претходните романи „Торонто експрес“ и „Тито, мојот претпоследен херој“, е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
„Џабе живиш у Скопје“ е збирка актуелни, изумрени и подзабораени поими, фрази, изрази, идиоми, апсурди, фазони, афоризми, синоними, топоними, акроними, криптоними…
-Книгава е локализирана у покушај да се долови хајлевел шегобијноста на скопјаните, бидејќи авторот е цврсто убеден дека ние Македонците (заедно со Србите) имаме најбољи хумор у свет. Дел од изразите се користат поише од петсто години, дел стотина, дел од 1945 година, па навака, дел откако Тито го заболе ногата, дел откако Кљусев искочи на бина… Авторот ги реактуелизира со цел да се разбудат и расталасаат некои чувства што дугачко време дремат у латентна состојба. Оваа книга е вивисекција на скопските: (не)култура, историја, менталитет, хумор и јазик, но и одолжување на авторот на неговото Скопје, соопштија од „Литература.мк“.
Авторот Зоран Спасов Ѕоф на промоцијата истакна дека откако му се оддолжи на Торонто со својата книга „Торонто експрес“ и на Тито со „Тито, мојот претпоследен херој“, сакал да му се оддолжи и на Скопје, на скопскиот дијалект и хумор.
– Идејата за „Џабе живиш у Скопје“ е стара три години, но пишувањето и преродбеничката активност траеја повеќе од две. Едноставно, дојде денот кога ова мораше да се напише зашто постоеше сериозна опасност скопскиот сленг да изумре како таков. Ако го исклучиме Пемба из Ниш од „Среќна Нова…“, сфаќаме дека сите дијалекти се негуваат, освен нашиот – скопски, што е анатемисан од сите институти и институции. Насловот на книгата е комбинација на два збора што ги нема во литературниот македонски јазик, но затоа, пак, ги има во скопскиот „јазик“ и, нормално, самото Скопје, потенцираше авторот.
Пораката на книгата е, како што појасни, дека треба да се негуваат скопскиот говор и скопскиот хумор.
-Во книгата има повеќе од 900 приказни. Има и неколку малку подразработени теми што нема да им се допаѓаат на две држави и неколку религиозни институции, но затоа, пак, читателите ќе уживаат во нив, додаде Зоран Спасов Ѕоф.
На промоцијата на книгата присуствуваа и Игор Џамбазов, Бранко Огњановски и Сашо Мацановски-Трендо. Тие, како што рече авторот, биле инспирација за дел од анегдотите и шегите во книгата, а се најдоа и на корицата на изданието.
Дизајнот на корицата повторно е на битолскиот стрип-авторот Михајло Димитриевски – Тxе Мичо. На промоцијата авторот му додели и плакета, како благодарност за оваа соработка.
По промоцијата, гостите го проследија настапот на „Бијело дугме трибјут“. Книгата „Џабе живиш у Скопје“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку „www.literatura.mk“.
Bình luận