top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Љубомир Савевски – секогаш актуелен во ракометниот спорт

Updated: Feb 2, 2022

01.02.2022 Januari Vtornik

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (218)

Не знам дали некој од оние што припаѓаат на ракометниот свет има толку шаренолика и интересна кариера како Љубомир Савевски. Неговиот спортски живот е исполнет со многу нешта, својствени за луѓето што се определиле егзистенцијата да ја обезбедуваат преку спортот. Тој почна како ракометар, уште во средношколските денови, потоа доаѓа еден период кога истовремено е играч и тренер, потоа само тренер, за на крајот да стане и селектор на повеќе македонски репрезентации, па и на сите машки селекции на Турција. Ако го погледнеме сиот негов ракометен опус, ќе дојдеме до констатацијата дека Савевски е вистински ракометен вљубеник, во кој ентузијазмот никогаш не згаснува. И тогаш кога се чини дека е далеку од очите на јавноста, тој се појавува и продолжува со ракометниот живот како никогаш да не прекинал. Таков е и последниот пример. Откако многумина се прашуваа каде е, каде се загуби, тој како да изнурка од вода и се најде на кормилото на нашата женска сениорска репрезентација. Ова за него не е ништо ново, зашто тој и пред повеќе од десетина години беше на кормилото на најдобриот македонски женски, но не само женски туку во четири наврати и на машкиот сениорски тим. Сето ова најдобро зборува за она што значи Савевски за нашиот ракомет, едноставно тој и кога не е, како постојано да е присутен во него, и кога ќе треба веднаш е тука, покрај аут-линијата, веднаш да скокне во некоја од селекциите и да почне со работа. Но каков беше неговиот ракометен пат и како се издигна до тој степен да биде врвен стручњак, кон кого сите гледаат со почит.

ПОЧЕТОЦИ ВО ПРОЛЕТ

Сѐ почна во далечната 1969 година, кога во групата млади момчиња, кои редовно тренираа во дворот на училиштето „11 Октомври“ под водството на професорот по физичко Вангел Коловски, се приклучи и Савевски. Уште во почетокот се виде дека се работи за голем талент кому му се наѕираше убава иднина. Затоа, чувствувајќи дека може далеку да стигне, почна сериозно да тренира и да ги открива тајните на ракометниот спорт. – Колку што минуваше времето, сѐ повеќе се „палев“ за овој спорт и во еден момент си помислив – зошто тој да не биде и моја животна определба. Тренинзите беа сѐ почести, селекцијата речиси секојдневна, па така, ние поквалитетните ракометари бевме префрлани во редовите на РК Пролет, кој егзистираше токму во оваа населба. Тука беше изградено и ракометно игралиште, сместено меѓу зградите. Во тој период тренер беше познатиот голман Владо Миљовски-Брле, низ чии раце поминаа многу наши ракометни имиња. Но бидејќи Пролет немаше младинска екипа, за да може да напредувам со неколку другари отидовме во РК Вардар, кој во тоа време беше еден од водечките во Скопје и во Македонија. Тогашната вардарова генерација беше навистина извонредна. Тука беа М. Наумовски, Сипковски, Зорба, Гиевски, Здравковски, Б. Наумовски, Божиновски, Лозановски… Тогаш се натпреварувавме во Втората лига, за по три години, кога дојдоа Атанасовски, Русмир, Михајловиќ, а меѓу стативите застана репрезентативниот голман Ванчо Јовановски, да станеме прволигаши. Бевме навистина една квалитетна генерација, која многу ветуваше. Од натпреварите во Првата лига најмногу го паметам дуелот со Борац од Бања Лука, кој беше и европски првак. Тогаш постигнав дури седум гола, а бев прогласен и за играч на натпреварот. Исто така, прикажав добра и ефикасна игра со четири постигнати гола против Криваја од Завидовичи, која се бореше за првото место во Првата лига – вели Савевски. Во овој период, Савевски стана и младински репрезентативец на Југославија, што беше уште една потврда за неговиот квалитет и талент. Но како што неретко се случува во спортот, кога човек ќе си постави пред себе една визија, потребен е само еден миг и сѐ да се урне. Голем малер за Савевски беше што токму во ерата на неговиот подем дојде до повреда на рамото, која го оневозможи докрај да се доискаже како играч. Тој продолжи, но, сепак, повредата беше таа што го попречи да стигне до посакуваните височини.

МАЛЕРИТЕ НИКАКО ДА ПРЕСТАНАТ

Савевски не можеше без ракометот, па и покрај повредата на мускулот во рамото, продолжуваше со тренинзи. По две години, и покрај честото повторување на повредата, повторно заигрува, овој пат за екипата на Работнички. – Сепак и покрај желбата не можев да го дадам својот максимум во играта. Повеќе бев задолжен за извршување на тактичките задачи во играта, иако, нормално покрај проигрувањата со соиграчите, се обидував и да шутирам, но тоа не беа оние силни и прецизни удари како пред повредата. Кога болката беше поизразена на 25 години, тоа значи во 1992 година престанав со играњето, но не се одделив од ракометот – вели Љупчо. Пред да почне со тренерската работа и пред дефинитивното напуштање на активното играње, во оние години кога правеше обиди да се врати и да биде оној „стариот“ играч, имаше понуди за настапи во повеќе клубови. Така, по Работнички, замина за Германија и настапуваше во регионалната лига за тимот на ТС-ХР СЕЛБ. – Таму стигнав дури и до Бундес-лигата. По препорака на поранешниот играч на југословенскиот прволигаш Динамо од Панчево, Крстиќ, потпишав договор со Дицебах. Откако помислив дека најдов средина, во која имаше добри шутери, а им недостигаше техничар, си помислив ова е екипа токму за мене. Не ќе мора да се експонирам како шутер, туку ќе бидам креатор на играта во нападот. Но кога работата не сака да тргне, доаѓа и нов малер. Поради запаѓање во финансиска криза, клубот пропадна. Но тоа не беше сѐ, на враќање во Југославија на автопатот помеѓу Љубљана и Загреб, заедно со пријателите од Германија имавме сообраќајка, во која го извлеков најдебелиот крај и поминав со тешки повреди. Тоа значеше почеток на рехабилитацијата од повредите и нова привремена разделба од ракометот – вели Савевски. За работите да не бидат толку црни, закрепнувањето беше успешно, па така Савевски и понатаму можеше да игра. Овој пат на изненадување на сите што ги следеа приликите во ракометниот спорт, тој стана тренер и играч на РК Кале (1982/83 година). Неговиот ракометен живот продолжи, па дури се најде како играчи во редовите во еден од нашите брендови, битолски Пелистер. – Таму заминав во времето кога тренери беа прво Мунтитиќ, братот на познатата оперска ведета Гертруда, а потоа и Анте Костелиќ, таткото на светските скијачки асови Јаница и Ивица. Тоа беше време кога Пелистер квалитетно се издигнуваше, а во екипата покрај другите беа и тројца познати вардарци, би рекол и ракометни легенди, голманот Ванчо Јовановски, Здравковски и Маринковиќ. Во Битола доживеав многу пријатни мигови. Пелистер веќе беше фактор во југословенскиот ракомет и секаде бевме пречекувани со почит. Всушност, тогаш почна да се гради онаа екипа, во која за кревање на нејзиниот квалитет голема заслуга имаше и тренерот Касим Каменица – вели тој. Љупчо Савевски неколку сезони беше играч на битолчани, а потоа замина на отслужување на воениот рок во тогашната ЈНА. Со него потоа е поврзан и еден куриозитет. Тој беше од ретките, ако не и единствен што во една натпреварувачка сезона настапи за екипи во три земји – поранешна Југославија, Италија и Франција. За тој период од кариерата, а и за она што се случуваше со Љубомир Савевски, актуелниот селектор на нашиот женски национален тим, ќе читате наредната недела.

ЉУБОМИР САВЕВСКИ

Роден: во 1957 година во Скопје Кариера: Пролет, Работнички, Кале, Пелистер, интернационалец во Швајцарија, Германија, Италија, Франција, младинската репрезентација на поранешна Југославија Тренерска кариера: Кале, Пелистер, Вардар, Младост (Богданци), Металург, ЖРК Кометал Ѓорче Петров, машката младинска репрезентација на Македонија, селектор на женската (актуелен) и на машката сениорска репрезентација на Македонија, селектор на сите машки репрезентации на Турција


1 view

Comments


bottom of page