„Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски на филмски фестивали во Романија, Грција и во Обедин
„Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски на филмски фестивали во Романија, Грција и во Обединетите Арапски Емирати Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“, во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, продукцијата „Сузи Кју“ и „Аворд филм и видео“, е избран во официјалната селекција на 30-тото издание на документарниот филмски фестивал АСТРА, што се одржува во Сибиу, Романија, од 15 до 22 октомври 2023. Филмот ќе има две проекции на 18 и 20 октомври и се натпреварува во престижната програма на Централна и Источна Европа. Филмскиот фестивал АСТРА е еден од најважните фестивали за документарни филмови во Европа, кој почна во 1993 како еден иновативен проект што во своите триесет години живот одигра важна улога во стимулирање креативни документарни филмови и стана важна платформа и за романската и за меѓународната кинематографија. По Сибиу, „Љубовната соба“ ќе има проекција на 27 октомври во рамките на 9. пелопонески филмски фестивал во градот Каламата, Грција. Фестивалот е организиран од креативниот документарен центар на Каламата. Фокусот на фестивалот се меѓународни долгометражни и краткометражни документарни филмови, но и мастер-класи, ретроспективи, едукативни проекции и семинари се дел од фестивалот. Во периодот од 9 до 12 ноември „Љубовната соба“ ќе биде дел од официјалната селекција на филмскиот фестивал МЕТА, што се одржува во киното VOX – Вафи Сити, во Дубаи, ОАЕ. Фестивалот МЕТА е единствениот меѓународен филмски фестивал во Дубаи и е поддржан од владата на Обединетите Арапски Емирати и од советот за медиуми. Исто така, филмот е селектиран за учество на меѓународниот фестивал „Светот на филмот“ во Глазгов, Велика Британија, во периодот од 2 до 9 ноември. Режисерката и продуцент Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учествува на панел-дискусијата за филмот на претстојните фестивали во Романија, Грција и во Обединетите Арапски Емирати. Документарниот филм „Љубовната соба“ на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни, во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на издржување затворска казна во КПД „Идризово“. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – „Идризово“ и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување. Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (продукција „Сузи Кју“), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во копродукција со „Аворд филм и видео“. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стоилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски и тонски дизајнер е Игор Поповски. Инаку, својата светска премиера „Љубовната соба“ ја имаше на филмскиот фестивал во Финекс, Аризона, во САД, во март 2023 година во категорија светски долгометражни филмови, и европска премиера на „Загребдокс“ во Хрватска во регионална конкуренција.
Comentarios